Герасимовски: Чекаме насоки од ОЈО по што ќе се знаат следните чекори за постапување и за расчистување на теренот на „Треска“

 

Општина Центар во текот на вчерашниот ден достави барање и мислење до Основното јавно обвинителство во делот на тоа што да се чисти на плацот на поранешната фабрика „Треска“, дали да се отстрануваат објектите и на кој начин треба тоа да се направи. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на утринската емисија на МРТ изјави дека општината е во постојана комуникација со ОЈО, од каде и чекаат насоки за понатамошно постапување. Целта на општината е појасни Герасимовски побрзо расчистување на просторот, па договори како истиот да се уредува, напоменувајќи дека треба да се има предвид дека законски има постоечки ДУП.

„Вчера имавме состаноци со Комисијата за урбанизам, на која што и покрај другите проблеми и ДУП-ови што се во фаза на носење во општината, разговаравме и за овој ДУП Буњаковец 1 и 2, каде што спаѓа и парцелата на „Треска“. На Комисијата дојдовме до некои заеднички заклучоци коишто ќе ги разработуваме во наредниот период, да видиме дали има можност заедно со градот да направиме одвојување на тој дел и што побрзо носење на ДУП само за „Треска“, за подобро организирање на самиот простор, затоа што носење на целиот ДУП Буњаковец 1 и 2 бара подолго време, затоа што станува збор за голема површина. Но тие се само дискусии кои ги развивме во текот на вчерашниот состанок “, изјави Герасимовски.

По ова прашање Герасимовски побара и средба со градоначалничката на градот Скопје, за да се продискутира на оваа тема.

Во однос на архитектонското идејно решение за „Треска“, Герасимовски рече дека треба да се разгледа можноста дали истото законски целосно може да се адаптира на тој простор. Затоа е потребно првично да се донесе ДУП којшто поубаво би го уредил просторот. Општината ќе се залага за целосно да биде во јавно добро со повеќе зеленило.

„Наше е да се бориме и се бориме да делот што е државен биде зелен појас, па и градинка која што ја бараме од страна на инвеститорите да се направи и донира на општината. Информациите ни се од тоа што до сега ни е стигнато мислам дека околу 10% од тоа што го имаат бараат да го дооформат на нивните парцели. Пак ќе кажам, ќе имаме уште многу средби, ќе бараме начин да што поубаво го уредиме самиот простор. Таму имаме трошни куќи од друг век кои што се распаѓаат. Треба да се среди, треба да се урбанизира, наше е и ќе се бориме да има што подобар сообраќаен режим, да има што повеќе зеленило, да има паркирање што повеќе во самите парцели итн и за тоа ќе стоиме целосно до крај“, изјави Герасимовски во МРТ.

До општината пристигаат барања за отстранување и легализација на објекти и легализација и откуп на земјиште на легализирани објекти за „Треска“, но општината досега нема издадено ниту една дозвола за градење. Во овој момент општината чека насоки од Основното јавно обвинителство, по што ќе се знаат следните чекори за постапување по самите предмети, како и за расчистување на теренот.

20.04.2022 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега