Герасимовски на средба со граѓаните, најави решавање на проблеми со бучавата и паркингот
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оствари средба со граѓаните во дворот на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, а главна тема беа проблемите поврзани со инфраструктурата, паркинг местата и јавниот простор во оваа област.
Се дискутираше за мини депонијата што е исчистена зад катната гаража во Буњаковец, што беше долгогодишен проблем за жителите. Граѓаните дадоа неколку идеи за тоа како треба да се уреди просторот, а Герасимовски најави дека Општина Центар ќе преземе мерки за негово урбанизирање.
На средбата беше разгледан проблемот со недостатокот на паркинг-простори во овој дел на општината, но и бучавата од кафулињата на која се пожалија жителите.
„Во овој дел од Центар секое паркинг место е добредојдено и ќе работиме на создавање на истите, бучавата е проблем, но нашата инспекција е на терен и казнува“, рече Герасимовски.
Граѓаните го поздравија проширувањето на капацитетите на ООУ „Коле Неделковски“. По 66 години од неговото основање, училиштето доби ново крило со четири училници, два кабинета, библиотека, лифт и пристапна рампа за ученици со попреченост. Овој проект е дел од пошироката стратегија на Општина Центар за модернизација на образовната инфраструктура. Со зголемувањето на капацитетите, проблемот со преполнетите училници е значително намален, а учениците добија многу подобри услови за учење и развој.
Караванот „Се гледаме во маало“ продолжува до 7 јули и има за цел да ги вклучи граѓаните во креирањето на општинските приоритети и буџетската програма за 2025 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа