Герасимовски: Првачињата во Центар ќе се запишуваат електронски

 


Општина Центар ги информира родителите на идните првачиња дека постапката за упис во прво одделение е поедноставена и целосно дигитализирана. Преку веб-страницата на Општината (www.centar.gov.mk), секој родител може брзо и лесно да провери во кое основно училиште припаѓа неговото дете и веднаш да поднесе апликација за запишување.

Со пристап до делот „Урбанизам“ и избор на ГИС порталот, потребно е корисникот да се регистрира, а потоа преку категоријата „Реонизација на училишта“ да ја внесе својата точна адреса. Системот автоматски ја прикажува информацијата за надлежното училиште и нуди линк до електронската пријава за упис. Во случај адресата да не биде автоматски пронајдена, постои можност да се постави точка на мапата и со клик на опцијата „Побарај по локација“ да се добијат истите информации.

„Запишувањето во прво одделение никогаш не било полесно. За само неколку минути, родителите можат да проверат кое е нивното училиште и да ја поднесат електронската апликација. Нашата цел е родителите да се чувствуваат сигурно и поддржано, а децата да го започнат своето образование со позитивно искуство уште од првиот чекор. Продолжуваме да инвестираме во дигитализација, транспарентност и модерни услуги кои навистина го олеснуваат животот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Со оваа дигитална алатка, Општина Центар го олеснува процесот на запишување во прво одделение, овозможувајќи родителите со неколку клика да го започнат еден од најважните чекори во образованието на нивните деца.

02.05.2025 - 12:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега