Германија ќе и помогне на Македонија во модернизацијата на администрацијата

 


Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се сретна со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер.

Фокусот на средбата беше можноста за унапредување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји, со акцент на реформите во јавната администрација и подобрувањето на ефикасноста на јавните услуги.


 

Министерот Минчев ја нагласи посветеноста на Министерството за јавна администрација за имплементација на модерни и дигитализирани услуги, кои ќе им овозможат на граѓаните побрз и поефикасен пристап до администрацијата. Во овој контекст, тој ја истакна важноста на поддршката од страна на Германија, како и можноста за споделување добри практики и искуства, кои ќе придонесат за унапредување на капацитетите на јавниот сектор во државата.

Амбасадорката Дрекслер изрази подготвеност за продолжување на соработката и поддршка на процесот на реформи, како и за заедничка работа на проекти, кои ќе придонесат за приближување на Република Македонија кон европските стандарди.
Таа ја потенцира важноста на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста на институциите во создавањето поефикасен јавен сектор, кој ги задоволува потребите на сите граѓани.

Средбата заврши со заедничко уверување за понатамошно јакнење на соработката во областа на јавната администрација и споделување на германските искуства во насока на исполнување на европските стандарди и поддршка на процесите за модернизација и реформи на јавниот сектор во Република Македонија. 

12.11.2024 - 13:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега