Германските компании планираат отпуштања
Германските компании планираат отпуштања, а состојбата на пазарот на трудот се уште е тешка, е заклучокот од извештајот што денеска го објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен за март.
Вредноста на индексот, кој ја мери подготвеноста на компаниите за отпуштања и вработувања, благо падна во март од 93 поени во февруари на 92,7 поени.
Ситуацијата на пазарот на трудот е сè уште сложена, а невработеноста најверојатно ќе продолжи благо да расте, коментира менаџерот за истражување на IFO, Клаус Ворабе.
Најмногу отпуштања се планирани во индустријата. Овој тренд трае речиси две години и ги засега речиси сите компании од секторот.
Давателите на услуги, исто така, станаа повнимателни во планирањето на персоналот. Состојбата во малопродажбата е нешто подобра, но многу трговци сепак сакаат да го намалат бројот на вработени.
Засега не се планирани поголеми промени во градежната индустрија, јавува Танјуг.
Поради слабите економски перспективи, се очекува бројот на невработени во Германија да продолжи да расте оваа година и за прв пат по десет години да ја надмине бројката од три милиони, објавија медиумите претходно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа