Ѓокан Рамазаноглу: Хотелот Лимак Скопје нуди разновидни содржини- концептот на срдечно турско гостопримство и одлични услуги

 

Во центарот на главниот град се отвори новиот луксузен хотел Лимак Скопје.

Во Интервју на Ѓокан Рамазаноглу, генерален директор на Скопје Лимак Хотел открива како изгледа внатрешноста на хотелот и вели дека основната карактеристика која ги одвојува од останатите е концептот на срдечно турско гостопримство и понуда на одлични услуги.

Кажете ни нешто повеќе, што нуди овој хотел? 

-Хотелот Лимак Скопје нуди разновидни содржини за пријатен престој на сите наши гости, без разлика дали патуваат поради деловни причини или разонода. Се потрудивме освен удобни, добро дизајнирани и одлично уредени соби, да обезбедиме и понуда на колку што е можно повеќе услуги за нив. Почнувајќи од врвното искуство во нашиот ресторан, преку пријатната атмосфера и прекрасен поглед што ги има скај барот, до можностите за користење на нашиот фитнес центар и на спа центарот Шива, кој е наш сопствен бренд и нуди автентична турска бања, сауна и простории за масажа. Исто така, имаме и повеќе сали за состаноци и конференциски сали, а сместени сме во центарот на градот, со поглед на прекрасната планина Водно. Во создавањето на секоја од содржините, посветивме внимание на најситните детали, водејќи сметка и за тоа колку се меки перниците и каков е квалитетот на салфетите.

Создадовме пространи, луксузни, преубави простории. Сепак, во нашиот сектор, услугата е уште поважна од изгледот на објектот. Затоа, високото ниво на квалитет го применивме и во изборот и обучувањето на нашиот персонал за да обезбедиме беспрекорна услуга и чувство на топлина на сите оние што користат било која од услугите што ги нуди хотелот. 

Хотелско-угостителскиот сектор е еден од најпогодените од пандемијата со ковид-19. Како планирате да ги премостите препреките? 

-Воведовме сериозни мерки и спроведовме темелни обуки за персоналот за да го заштитиме здравјето на нашите гости, но и на вработените. Би сакале сите што престојуваат во хотелот да се чувствуваат безбедно и удобно во секое време, а ова е уште поважно во сегашните услови.

Така што, направивме сѐ што е возможно за да ја гарантираме безбедноста на сите во хотелот, во рамки на активностите врз кои имаме контрола. Она над што немаме контрола е целокупната состојба создадена од пандемијата, која се одразува врз целата индустрија. Таа сериозно ги намали патувањата и користењето на хотелските и угостителските услуги, а го измени и нашиот начин на работење.

Од тој аспект, исклучително сме среќни што сме дел од поголем холдинг, кој е доволно силен да нѐ поддржи во ваков период. Затоа и одлучивме да не го одложуваме отворањето на хотелот. Ова е голема инвестиција и сериозна компанија. Оттука, треба да сме способни да функционираме во секакви услови и соочени со различни предизвици. Условите наметнати од пандемијата претставуваат предизвик, но истовремено се и можност да дадеме сѐ од себе за да оставиме добар впечаток и да ги претставиме сите наши предности, како и да покажеме дека дури и во услови исполнети со предизвици, ние можеме да испорачаме одлични услуги. Ова сигурно ќе успееме да го валоризираме штом излеземе од корона-кризата, кога луѓето ќе бидат уште поподготвени за патувања, за дружење и за уживање во услуги какви што нудиме во нашиот хотел.

Кои се уникатните карактеристики што го издвојуваат овој хотел од останатите од оваа категорија во земјава и регионот?

-Основната карактеристика која нѐ одвојува од останатите е концептот на срдечно турско гостопримство и понуда на одлични услуги. Ова ветување е вградено во нашиот бренд. Тоа е  препознатливо во целиот свет и длабоко е вкоренето во перцепцијата за Турција како земја и за нејзиниот народ. Се обидуваме да го исполниме ова ветување, како и очекувањата на гостите во сите хотели што ѝ припаѓаат на Групацијата, вклучувајќи го и хотелот Лимак Скопје.

Лимак Скопје Хотелот има голема полза од припадноста на поголем синџир на хотели во рамки на Групацијата Лимак Туризам. Успешното работење, искуството на Групацијата, знаењето со кое располага, воспоставените високи стандарди во сите сфери од работењето, се пренесени и во нашиот хотел во Скопје. Групацијата нуди услуги на гости од речиси 40 земји ширум светот.

За разлика од останатите синџири на хотели, Групацијата самостојно и целосно го извршува основањето, изградбата и управувањето на хотелот. Со обука на персоналот во новите хотели, Групацијата осигурува дека се следат принципите за квалитет на услугите и постојано ги подобрува своите човечки ресурси.

Колку нови вработувања се планирани во новиот хотел Лимак Скопје? 

-Имаме високо квалификуван тим од 110 лица, при што 60% од нив се жени. Ова беше наша цел од самиот почеток. Голем дел од вработените веќе имаат искуство во угостителскиот сектор и го посветиле својот професионален живот на нудењето угостителски услуги. Сите тие имаат поминато опширни обуки со цел да се запознаат со вредностите на Групацијата Лимак Туризам, како и со стандардите за квалитет на кои инсистираме, за да бидат подготвени да го пружат нивото на услуги својствено за Групацијата.

Сите членови на тимот се исклучително посветени и подготвени да вложат дополнителен напор за да испорачаат најдобри услуги за нашите гости. Ние се трудиме да ги мотивираме и да се задоволни што се дел од семејството на Лимак. Ова е културата што ја негуваме затоа што осигурува и среќни вработени и среќни гости.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.04.2021 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега