Глас за Македонија: Одложете го пописот кој е на пат да се претвори во попис “убиец“

Глас за Македонија бара пописот да биде одложен најмалку до идната пролет, кога евентуално ќе се стекнат безбедни услови за негово одржување.

Во моментов, велат од партијата, епидемијата е во најголем пораст досега, пораст кој одзема човечки животи и со огромниот број на заразени, блиску сме до колапс на здравствениот систем

„Владата не е способна да го имунизира населението. Живееме од лага до лага. Вакцини нема. Цели еснафи како новинари, полицајци, бизнисмени, поединци, спасот го бараат во соседна Република Србија која навремено набави доволно вакцини. И уште набавува. Таа и таква Србија, го одложи закажаниот попис, како што го сторија и повеќе европски земји. Таму политиката не управува со здравството, туку обратно: здравјето на луѓето пред сѐ“, велат од Глас за Македонија.

Исто така, додаваат од таму, овој попис се прави по лоша методологија и закон, каде секој каде сака и како сака може да биде попишан.

„Ако во еден закон стои одредба: “оној што најмногу го познава лицето“ и дека практично секој може да ве попише, тогаш за какви релевантни податоци станува збор? Во овој попис се замешаа и соседни земји како Албанија и Косово, каде наши високи функционери лобираат за голем одзив во албанските средини и дијаспора. Тоа една суверена земја не смее да го дозволи. Поради сето ова, поголемиот дел од граѓаните нема да имаат доверба во резултатите од пописот. Со право, бидејќи сред епидемија и со лош закон, податоците навистина нема да се релевантни. Кога веќе не сте способни да се носите со епидемијата која коси, покажете барем минимум свест и совест. Одложете го пописот кој е на пат да се претвори во попис “убиец““, велат од Глас за Македонија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2021 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега