Голема несреќа во Чешка: Се судрија патнички и товарен воз, има загинати
Во сударот на патнички и товарен воз во чешко Пардубице доцна во средата вечерта, најмалку четири лица загинаа, а десетици се повредени, јавуваат чешките медиуми.
Соопштено е дека брзиот воз од Прага до словачко Кошице, со околу 200 патници, се судрил со товарен воз во Пардубице, на околу 100 километри источно од главниот град на Чешка.
Портпаролката на локалните спасувачки служби изјави за чешката телевизија дека, наводно, загинале четири лица, десетици се повредени, а некои тешко.
Според железничката управа, возовите се судриле на новата станица Пардубице центрум, а судирот го прекинал сообраќајот на коридорот кон Моравска, пишува на веб-страницата на Чешката железница.
Според објавените фотографии и видеа, возовите директно се судриле, а најмалку еден вагон од патничкиот воз излетал од шините и делумно се превртел.
Министерот за внатрешни работи Вит Ракушан и министерот за транспорт Мартин Купка веднаш излегоа на местото на несреќата, а за трагедијата се огласи и премиерот Петр Фиала.
„Судирот на два воза во Пардубице е голема несреќа. Сите мислиме на жртвите. Моето искрено сочувство до сите преживеани“, рече тој на мрежата Х.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа