Гордана Силјановска Давкова победи на претседателските избори


Со победа на Гордана Силјановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ, според првичните резултати на ДИК завршија претседателските и парламентарните избори во земјава. Сите учесници на изборите, како и членовите на Државната изборна комисија оценија дека изборите минаа во фер и демократска атмосфера.

По преброени 99,82 отсто од гласачките ливчиња, Силјановска Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Сево Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%). Силјановска Давкова е првата жена претседател во земјава. Во изјавата дадена на синоќешната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, таа вети дека ќе биде претседател на сите грѓани.

-Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Силјановска Давкова.

Таа потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси и упати честитка до граѓаните, бидејќи, како што рече, покажаа граѓански имунитет, граѓанска отпорност на притисоците.

-Оти да повикувате на бојкот е партиски и политички притисок. Да одите по домовите со списоци е исто така политички и партиски притисок. Значи, се одважија македонските граѓани без оглед на етничката, верската, социјалната и каква било положба да излезат стамено, достоинствено, стоечки и да го дадат гласот на оној на кој што сакаат, рече таа.

Силјановска Давкова, оцени и дека нема поголема промена од тоа за прв пат во нашата држава да има претседател жена.

-Има ли поголема промена од таа за првпат во оваа државичка, држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени – нема. И јас мислам дека со мене, држете ме до збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Вацлав Хавел, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот, да го бранат, тоа е некаков голем исчекор и тоа е за мене реформски чекор, потенцираше меѓу другото, таа.

09.05.2024 - 09:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега