Град Скопје почна со санација на патеките на Матка
Подобрувањето на условите и на достапноста за посетителите на природната убавина на Матка е еден од главните приоритети во програмата „За модерно Скопје“. Со цел зголемување на пристапноста до убавините на Кањонот Матка, Градот Скопје почна со санација на пешачките патеки, известува Град Скопје.
„Кањонот Матка е една од најубавите и најпосетени туристички атракции во Македонија, затоа одржувањето што било запоставено со децении мора да се подобри бидејќи е клучно за посетителите на оваа природна убавина. Денеска, почна санацијата на патеките, првата од манастирот ‘Свети Андреа’ до Висок Рид наспроти пештерата ‘Врело’ и втората од пештерата ‘Врело’ до пештерата ‘Убава’. Со санациите се овозможува подобар пристап до природните убавини, како и поголема безбедност за сите посетители на Матка.
По целата должина на патеките ќе се изврши санација на постојната заштитна ограда, ќе се постави сајла на карпите во тесно достапните делови, целосно ќе се санираат оштетените подни делови и ќе се уреди вегетацијата, а на одредени локации ќе се изврши замена на оштетените бетонски блокови. Санацијата ја изведуваат јавните претпријатија ‘Улици и патишта’ и ‘Паркови и зеленило’, кои минатиот месец, по години негрижа, целосно ја обновија урбаната опрема кај црквата ‘Св. Андреја“ на Матка’“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа