Градоначалниците на скопските општини го собираат сметот со помош на општините од внатрешноста

 

Градоначалниците на општините во Скопје кои доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се самоорганизираат и вечерва со помош на механизација од други градови и приградски општини почнаа акција за чистење на сметот.

„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на општините во состав на град Скопје, гледајќи ја неспособноста на градските власти и Арсовска вечерва се самоорганизираат. Градоначалниците Тимчо Муцунски на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, Бобан Стефковски на Гази Баба, Александар Стојкоски на Ѓорче Петров и Дарко Костовски на Бутел ќе бидат на терен со општинските служби во чистење на Скопје“, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода и воедно и претседател на ЗЕЛС вели дека помош добил од колегите од Сопиште и од Кавадарци.

-Не верувам дека успееме целиот отпад да го собереме вечерва, но најударните, најфрекфентните места ќе бидат опфатени. Добро сме организирани. Нашите сезонски служби се исто така на терен, вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Бутел, пак, вели дека помош добил од првиот човек на општина Велес, Марко Колев.

-Тој веднаш се одзва на моето барање и уште вечерва ќе испрати механизација и работна сила, која заедно со вработени од општина Бутел ќе спроведат голема акција за чистење на насобраното ѓубре. Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење, вели Костовски.

Инаку, уште попладнево градоначалникот на Центар кој доаѓа од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски најави дека рано наутро ќе почне акција за собирање на ѓубрето во неговата општина.

Утре градоначалниците на Скопскиот плански регион ќе одржат вонредна седница која ќе се одржи во просториите на општина Аеродром. Единствена точка на дневен ред е хаосот со ѓубрето во главниот град. Според наши информации, градоначалниците најверојатно ќе побараат ЈП Комунална хигиена да биде расформирано, нивната механизација, ингеренции, но и финансии да бидат распределени на сите општини, и тие практично да го преземат чистењето на контејнерите во градот.

 

09.07.2023 - 21:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега