Хамас навести дека сака да ги продолжи преговорите за прекин на огнот
Палестинската исламистичка милитантна организација Хамас денеска навести дека сака да ги продолжи преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, иако Израел побара да се евакуираат жителите од источните населби на градот Рафа на југот на територијата пред можна воена операција.
Портпаролот на Хамас, Абдел Латиф Ал-Кану изјави за Франс Прес дека неговата организација ќе продолжи со преговорите за постигнување договор „кој обезбедува неодреден прекин на огнот“, пренесува Бета.
Израелската армија денеска им нареди на жителите да евакуираат неколку населби во источниот дел на Рафа, предупредувајќи дека војниците се подготвуваат за воена операција.
Египет, Катар и САД веќе неколку месеци се обидуваат да придонесат за воспоставување примирје меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, првенствено со цел пауза во борбите и ослободување на Палестинците од израелските затвори во замена за израелските заложници киднапирани од палестинските екстремисти во терористичките напади во јужен Израел во октомври.
Индиректните разговори во Каиро вчера завршија без напредок.
Хамас бара договорот за прекин на огнот да обезбеди крај на израелската офанзива во Појасот Газа, на која Израел се противи, тврдејќи дека сака да го уништи Хамас.
Египетската телевизија Ал Кахера њуз, повикувајќи се на добро информиран извор, денеска јави дека вчерашниот смртоносен напад на Хамас на граничниот премин Керем Шалом од Израел кон Газа предизвикал ќорсокак во преговорите за примирје. Хамас и Владата на Израел меѓусебно се обвинуваат за недостиг на напредок во преговорите.
Во меѓувреме, египетските преговарачи ги засилија напорите да се запре ескалацијата на насилството, рекол изворот.
Израелските медиуми јавуваат дека четворица војници загинале во ракетниот напад на Хамас во близина на преминот преку кој минувале илјадници камиони со хуманитарна помош за Газа.
Игнорирајќи ги меѓународните повици за воздржаност, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано повторува дека планира да почне голема копнена офанзива во Рафа, каде што тврди дека се кријат последните баталјони на Хамас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа