Христијан Мицкоски: Жално е да се гледа на какви ниски гранки падна СДСМ

 

Press24: Влеговме во новата 2024та година, што очекувате од оваа година?

Мицкоски: Оваа година би рекол е одлучувачка за иднината на Македонија бидејќи се случуваат двојни парламентарни и претседателски избори кои ќе бидат пресудни за патеката по која ќе се движи државата во наредните години. Овие избори доаѓаат и по тешки години на економско девастирање и системско уништување на секоја здрава клетка во него. Двоцифрена инфлација, рушење на економскиот стандард, скандали и афери од невидени размери. Се губи секоја нишка на пристојност во практикувањето на власта и се рушат сите стандарди за тоа што е морално, а што не. Ваквото измачување трае со години, а единствениот начин е да се случат промени на избори. Изборите ќе бидат моментумот каде народот ќе има можност да има избор и да се избори за иднината која сака да ја донесе за себе и своите најблиски. Затоа оваа година е одлучувачка и сметам дека доаѓаат подобри времиња за Македонија каде со сопствени сили ќе изградиме иднина каква секој еден човек заслужува.

Press24: Се видовте ли со Ковачевски, тој постојано најавуваше тајна средба за техничката влада?

Мицкоски: Не, сме немале никаква средба. И не постои нешто како јавна најава за тајна средба како што кажуваше самиот премиер. И сметам дека нема потреба да се среќаваме на никакви тајни средби. Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување. Јас го разбирам него. Сака да имаме средба, потоа тој кај него во партија да им раскажува работи кои не се случиле, да им создава лажна надеж и на тој начин да создава привид за некакво единство, за да ја доддржи партијата во која има евидентно незадоволство по повеќе основи. Тоа се нивни работи, но јас знам дека кога и да имаме средба за тоа ќе биде известена јавноста.

Press24: Имате ли коментар за составот на техничката влада кој го промовираше власта?

Мицкоски: Коментарот за техничката влада е истиот како и за актуелната влада, затоа што речиси тој состав е идентичен. Разликата е што речиси десетгодишниот министер за внатрешни рааботи Спасовски ќе биде заменет на заменичкото место со неговата десна рака, неговиот шеф на кабинет. Ако станува збор за неговите перформанси, сметам дека тука крушата нема подалеку да падне од дрвото и ќе имаме работа со истите луѓе кои споделуваат исти вредности и погледи. Досега Македонија немала толку ужасно лоша влада која донесе живот кој никогаш не бил полош.

Press24: Кога ќе излезете со составот на техничката влада и предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и дали сметате дека тие кадри ќе направат разлика во однос на досегашната работа на владата?

Мицкоски: После Водици ќе имаме целосна слика за престојниот состав. Не се брзаме на тој план. ВМРО-ДПМНЕ има голем број на кадри кои можат да одговорат на позициите кои се бараат. Што се однесува до перформансите на техничката влада, сметам дека тие влади досега се покажаа како слаби исполнети со конфликти и бројни кочења. Погледнете, дали се памети некоја прогресивна политика спроведена во тој период, одговорот е не. Она што се памети се препирки. Кочења. Поништени одлуки. И затоа тоа е загубено време за државата. Затоа и предлагав да се укине техничката влада. Сметам дека целите перформанси и вистинската енергија на промените ќе се покаже по смена на власта и формирањето на легитимна и стабилна влада. 

Press24: Дали Наке Чулев би бил министер за внатрешни работи?

Мицкоски: Не велам не. Но да почекаме. Засега нема донесено одлука.

Press24: Рековте дека баравте укинување на техничкта влада, дали тоа ќе го направите доколку дојдете на власт, дали ДУИ толку ве плаши?

Мицкоски: ДУИ никако не ме плаши, ДУИ мора да оди во опозиција. Замислете оваа партија е над дваесет години дел од власта. Таа е дел од сите подеми и падови. Нереформирана збирштана од луѓе кои се прикажуваат за заштитиници на кауза, а впрочем се крадци кои се занимаваат со тендери и провизии. Е сега поради слабоста на СДСМ тие од техничката влада направија мегдан за пазарење и избоксуваа технички премиер. Е токму поради тоа се боревме и предлагавме укинување на техничката влада. 

Press24: Ковачевски повика на создавање на европски фрнт, дали ДУИ ќе им се придружи на заеднички листи?

Мицкоски: Жално е да се гледа на какви ниски гранки падна СДСМ и се доведе себе си под својот минимум што го покажуваат и анкетите. Си ја руинираа партијата поради недоследните политики. Уште пожално е како ги молат од ДУИ да коалицираат со СДСМ само да го ублажат својот пораз. Практично се сведоа на тоа ДУИ да е спасителот на СДСМ и се крстат во нив. ДУИ во носењето на оваа одлука треба да мисли на својата иднина и ако се доследни тогаш треба да се стави крај на непринципиелните коалиции. Што се однесува називот европски фронт, би рекол дека најголеми непријатели на европската идеја се токму СДСМ и ДУИ. Кој од народот ќе поверува во тоа дека истиве се европејци, а приватно договараат тендери и како тапкароши крадат од најмалите службеници до најголемите директори. Навистина е европејски што дури и оглас за дрвосечачи на Македонски шуми го местат па бараат Албанци за ова работно место во Кавадарци и Паланка. Па од авион се гледа што прават. Или вистински европејски вредости се тоа што при огромен скандал со цитостатици на Онкологија, нема ниту официјална истрага, не пак обвинение. Или тоа што претседателката на Врховен сакаат да ја разрешат затоа што не послуша насока од власта. Тоа се тие критериуми кои се се друго, само не европејски вредности.

Press24: Тендерот за Чебрен пропадна. Кој е вашиот коментар?

Мицкоски: Пред еден месец предупредив на недоследности во тендерската постапка. Тогаш Владата и Бислимовски оркестирано излегоа за да кажат дека нема ништо спорно и дека ни било криво за тоа што проектот ќе успеел. Но толку им е знаењето. Тогаш јавно кажав дека за жал Владата ниту има капацитет, ниту знаење, а ни визија за тоа да го направи.

Press24: Сакате да кажате дека грчкиот инвеститор за Чебрен е доведен во заблуда? 

Мицкоски: Да токму тоа. Во првата одлука на Владата конкретно во членот 5 се наведени процедурата и условите кои што ги донела владата и таму е пропишано дека државата ќе и ја подари ХЕЦ Тиквеш на компанијата што ќе ја добие оваа набавка после три месеци од датумот на започнување на изградбата.

Втора одлука се носи веќе во месец февруари истата 2020 година, само еден месец подоцна, од страна на техничката влада на Оливер Спасовски и оваа одлука е за изменување на претходно донесената одлука со што со новиот акт членот 5 ставот 3 се брише. 

Практично, владата на Спасовски ја модифицира одлуката на владата на Заев.Она што е фрапантно е што тие во повикот за доделување на концесија се повикуваат на поништената одлука, но модифицирана. Односно, поништената одлука или првата одлука која што ја донела владата вели дека државата на добитникот ќе му ја отстапи ХЕЦ „Тиквеш“ за три месеци откако ќе почне градбата. Владата на Ковачевски повикот го спроведува на непостоечка одлука.На 14 септември 2023 година се носи одлука на Влада каде што се избира најповолен понудувач за Чебрен односно грчкото електростопанство. Владата во таа одлука се повикува и на двата Службени весници каде се објавени претходните одлуки, и онаа во која се вели дека ја дава „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне градбата, и онаа во која тоа се брише. Јасно е дека процесот е фалименто.И дека ќе удрат во зид.

Press24: Што мислие дека е најголемиот проблем кој мора да се реши за да се тргне напред?

Мицкоски: Зошто народот сака да влеземе во ЕУ? Не само за да бидеме дел од едно поголемо семејство, туку многу повеќе за да живее економски подобро. Најголемиот фокус и најголемата мака на граѓаните е економијата и лошата живеачка. Знаете ли дека сме на опашката по економскиот раст во регионот. Во периодот од 2017 до 2023 година растот на БДП на жител во Македонија е само 20 %, а кај сите други држави од регионот е 50 %, а некаде и над тоа. Додека Македонија има раст од 20 %, во Србија растот е 50 %. А за истиот период во Бугарија БДП на жител се зголемил 64 %. Албанија, каде што во периодот од 2017 до 2022 година БДП на жител пораснал 52 %. Власта лажеше дека инфлацијата е увезена, а сведоци сме дека имаме 50 % поголема инфлација од еврозоната. И додека 600.000 наши сограѓани живеат на работ на сиромаштијата. Поразително е што дојде време пензионерите наместо пристојна и мирна старост да одат и простестираат по улиците, за некој енар повеќе.

Press24: Кој е вашиот план за надминување на сиромаштијата и раздвижување на економијата?

Мицкоски: Пред да поминам на главното сакам да кажам дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зголеми пензиите линеарно од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија уште во првата година од формирањето на владата. Понатаму планираме сериозно да интервенираме во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна. Можеби компанија која што ќе дојде од Европа и светот, која што својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10%, нормално, ако е реинвестиран 0%. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 го 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. Исто така сакаме да го помогнеме образованието и развој на културата. Исто така ќе се фокусираме и на енергетиката и инвестирањето на капитални проекти кои ќе ја зголемат енергетската независност. И редица други проекти. Кон крајот на овој месец ќе започнеме со активност за промовирање на главните политики кои ќе бидат дел од идната програма.

Press24: Бурно реагиравте за случувањата на Онкологија, се чини по настаните на клиниката за Гинекологија, здравството останува отворена рана. Имате ли план за промени?

Мицкоски: Проблемите во здравството не се само недостаток на инвестиции или ресурси за работа. Главниот проблем е и недостаток на човечкиот менаџмент. Има ли некој воопшти контрола врз вработувањата на клиника? Знаете ли дека се вработува не по диплома, туку со партиска книшка. Тие после треба да лечат и помагаат. И нормално е дека ќе има пропусти. Да не зборам за криминалот како и за истите те исти веледрогерии кои се однесуваат како рекетари за кои профитот е најважен. Згрозен сум во однос на случувањата на Гинекологија. Таквите настани се само последица на уништеното здравство. Ќе направиме реструктуирање на здравствените политики. И особено внимание ќе посветиме на инвестирање не само во клинички центри туку и во човечкиот потенцијал. На здравството не треба да се гледа како биро за вработување туку како на центар каде се потребни мудрите, способните и квалитетните. 

Press24: Сосема за крај не чекаат претседателски избори. Како сте задоволни од Стево Пендаровски како претседател?

Мицкоски: Ни работа врши, ни атер крши. Тоа е како да ме прашате што мислите за првиот семафор. Супер работа врши но не може да ви води држава. Човекот цел мандат го посвети на оговарање, место на лобирање. Сега е на мака дали ќе го предложат партиите. И се што прави е да се допадне на партиите кои би можеле повторно да го кандидираат. Сметам дека таа функција е обевзредната пораади погрешните политики изминатите години. На Македонија и треба сосема понаков поглед на работите и начинот на кој ќе се преставува државата. 

 

03.01.2024 - 09:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега