ИЈЗ: Многу сме дебели, нов данок и забрана за рекламирање на Кока Кола и сокови со шеќер во Македонија
Институтот за јавно здравје вели дека во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Од ИЈЗ ги повикаа сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза.
„Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики.Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место. Во Северна Македонија, како и ширум светот, се со очуваме со сè поголеми стапки на дебелина. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 30,4% од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина. Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни“, велат од ИЈЗ
Од институтот велат дека да се реши проблемот со дебелината се бара поширок и посуштински пристап.
„Потребно е да работиме на промената на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје“, велат од ИЈЗ
Во соопштението се додава дека здравствениот систем во Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети.
„Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки. Дебелината не е само резултат на лоши избори или недостаток на дисциплина. Таа е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни здравствени проблеми, како што се срцеви заболувања, дијабетес и рак. Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман“, посочуваат од ИЈЗ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа