Инспекција на Детска клиника - пишана казна од 5200 евра
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска извршил инспекциски надзор на Детската клиника во Скопје, а откако биле откриени недостатоци, најавен е прекршочен платен налог.
Како што попладнево информираат од ДСЗИ, на денешниот контролен инспекциски надзор во Универзитетската клиника за детски болести, по изминати рокови за постапување по наложени мерки со издадено решение, констатирано било дека не е постапено во целост по решението.
– Од вкупно 14 доктори специјализанти кои исполнуваат услов за добивање на времена лиценца од Лекарска комора на Македонија и времени факсимили за работа, само за двајца има обезбедени времени лиценци за работа и не е поднесено барање до министер за здравство за обезбедување времени факсимили за работа на Клиниката. Во ноќна смена во дежурна амбуланта, на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори кои не исполнуваат услов постар специјализант. На Клиниката, од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, дежураат само по тројца докотори, притоа ниту еден од нив не дежура во амбуланта на Клиниката, а прегледите во дежурна амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат, се наведува во соопштението на ДСЗИ.
Од страна на установата, а во однос на издаденото решение, постапено било само во делот на внесување на личните податоци и медицинските податоци на пациентите – за извршените здравствени услуги, во интегрираниот здравствен информатички систем „Мој термин“.
– Врз основа на наведеното, а согласно член 31 став 1 и 3 ќе биде издаден прекршочен платен налог со предлог за порамнување и тоа: на правното лице ЈЗУ УК за детски болести – Скопје со глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност и на одговорното лице во правното лице со глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице односно во износ од 1.200 евра во денарска противвредност, појаснуваат од Инспекторатот.
Доколку сторителот на прекршокот е согласен на постапката за порамнување и глобите ги плати во рок од осум дена од денот на добивање на платниот налог, како што додаваат, уплаќа половина од погоренаведените износи – 2.000 евра во денари противвредност за правното лице и 600 евра во денари противвредност за одговорното лице, а за уплатата треба да достави доказ до Инспекторот.
– Доколку сторителот не е согласен да ја прифати постапката за порамнување или не ги плати изречените глоби, инспекторот е должен да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, истакнуваат од ДСЗИ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа