Иван Димитровски: БРАКО е престижна фабрика и вистинско место за младите инженери

 

Нашата цел е да обезбедиме услови за младите инженери и техничари да ги остварат тука своите соништа и да го работат она за коешто учеле. Да ги привлечеме да останат во Македонија и тука да ја креираат својата и иднината на земјата, велат во БРАКО, кои покрај тоа што обезбедуваат одлични услови за младите инжинери кои дипломираат на македонски факултети во својот состав имаат и неколку млади лица кои по завршени студии на престижни универзитети во Европа и светот се решиле својата кариера да ја градат токму во велешката фабрика.

Еден од нив е Иван Димитровски, млад машински инженер,  кој веднаш по завршените студии на Техничкиот универзитет во Виена започна да ја гради својата кариера во БРАКО.

-Своето образование го стекнавте на Техничкиот универзитет во Виена, кој според Шангајската листа е помеѓу 400-те најдобри универзитети во светот, а  покрај светски признатата диплома одлучивте својата кариера да ја развивате во БРАКО од Велес. Кој е мотивот да останете во својата земја и да го реализирате  развојниот пат токму тука?

-БРАКО како компанија ми беше добро позната од претходно. Би сакал да бидам искрен и да кажам дека уште во текот на студирањето како прва опција за вработување ми беше токму оваа компанија. Кога дипломирав донесов одлука да се вратам во Македонија и тука да ја почнам мојата кариера. Сакам она што сум го научил, моето знаење и труд да ги ставам во функцијата за развој на наша домашна фабрика, која ќе стане современа и еднаква со фабриките од Западна Европа.

-Како ретко каде, во БРАКО се дава шанса за развој на младите инженери. За краток период станувате одговорен за проекти за производство на машини наменети за швајцарскиот и италијанскиот пазар. За какви производи станува збор?

 

Точно, во БРАКО се дава шанса на младите и тоа дополнително ме стимулира. Проектот на кој работам е за комплетни машини кои што наоѓаат примена во автоматизација на производството во  метало-преработувачката индустрија.

Едниот тип на машини, кои што ги произведуваме за швајцарскиот пазар, се додавачи на лим од разни димензии и дебелини. Тие го автоматизираат, а со тоа и олеснуваат процесот на додавање на лим на ласерот за сечење, водејќи ја таблата со помош на вакум од една складишна позиција, до работната позиција на ласерот.

Другите пак, кои што ги произведуваме за истата фирма, со седиште во Северна Италија, се машини кои ги пречекуваат и сортираат цевките и профилите после нивното конфекционирање на ласерот за цевки.

Двете машини, кои што ги произведуваме во разни големини и модели, се навистина интересни производи, кои што во себе ги содржат сите технологии на еден современ мехатронички систем, вклучувајќи сензори, актуатори и контролери. Покрај овие два производи, изминатава година започнавме и со производство на специјални маси за едноставно делење на претходно исечено стакло.

-Како оди реализацијата на проектот, со какви предизвици се соочувате при реализирање на нарачките?

Нарачките од клиентот се динамични и со релативно краток рок на испорака помеѓу 3-4 недели. Мојот тим и јас мора да бидеме добро подготвени за да реализираме брзо и ефикасно производство, а истовремено да испорачаме квалитетен производ.

Производниот процес не е едноставен и во себе содржи многу операции. Тоа опфаќа конфекционирање, заварување, виткање, машинирање, фарбање и завршна монтажа. Сите овие операции секојдневно носат нови предизвици и решавање на инженерски проблеми.

Покрај интерниот процес на преработување на металот, потребна е и динамична набавка на компоненти од трети производители, како лагери, пневматски и хидраулични компоненти, сензори итн. Сето ова мора да биде перфектно синхронизирано, за навреме да се испратат производите до клиентот. Еве на пример, тековнава година ќе ја завршиме со 83 машини од разни модели, или во просек тоа е речиси 7 месечно. Тоа е голем предизвик и добра организација.

-Гледаме дека уживате во својата работа и дека ве исполнува, но веруваме дека како млад човек сакате постојано повеќе. Како еден од проект менаџерите во БРАКО, дали би можеле да ни откриете кои се идните планови на компанијата, во однос на развивање на нови проекти во вашиот дел?

Ние во БРАКО, со квалитетот, ефикасноста и ефективноста во производството, постојано се трудиме да го привлечеме вниманието на клиентите од европскиот пазар и да остваруваме нови соработки, а со тоа и да ја шириме палетата на производи во „Брако“.

Токму ваквиот тип на комплетни машини, односно производи, е еден од главните таргети на „Брако“. Сакаме да креираме целосни производи, сопствени или целиот призвод на клиентот да се произведува во нашата фабрика, тоа е наша стратешка цел. Некогаш тоа започнува со само еден дел или склоп од крајниот производ, меѓутоа со постепено стекнување на доверба кај нашите клиенти, се почесто ги добиваме целите производи кај нас.

-Што ве мотивира најмногу во БРАКО?

Менаџментот на БРАКО постојано презема храбри чекори и инвестира во развојот на компанијата. Тоа ни дава мотивација на сите нас, инженери и вработени во фабриката, бидејќи постојано се инвестира во нови современи машини и технологии, кои ни овозможуваат да бидеме конкурентни во производните процеси со европскиот пазар. Имаме производни машини со кои можеме да се пофалиме како едни од главните фабрики од овој тип на Балканот. Јас како млад инженер сакам да работам со модерни технологии и да бидам во тек со сите активности во мојата област. Тоа тука ми е овозможено и тоа е навистина многу значајно.

-Што би им препорачале на идните инженери?

На младите им препорачувам да се одлучат за некоја од техничките струки, бидејќи индустријата носи предизвици, но од друга страна остварените предизвици носат голема сатисфакција. Студирањето на Машинскиот факултет за мене беше нависитина интересно, тоа е мојот повик во кој потполно се пронаоѓам. Гледајќи ги современите движења во светот лесно се забележува дека инженерството е динамична и модерна струка и затоа ние постојано учиме и се надоградуваме. Новите технологии во 21 век забрзано растат и се развиваат, и е навистина задоволство како инженер да се биде дел од нив.

 

20.11.2022 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега