Ивановска контра Грковска: Претставката за Груби е испратена во петокот, потврда за тоа добивме уште во понеделникот
Претставката за Груби од Антикорупциска сепак е испратена и пристигната до Кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска за Пресс24 уверува дека претставката е пратена уште во петокот кога Комисијата ја одржа последната седница, а веќе во понеделникот до Антикорупциската пристигнал повратен одговор дека е примена.
Ова доаѓа откако Грковска пред новинарите кажа дека претставката за злоупотребите на просториите на Министерството за политички систем од страна на вицепремиерот Груби не е пристигната до нејзиниот кабинет.
Сепак, Грковска уверува дека ќе постапи како за секој друг избран и именуван функционер за кого пристигнале поплаки дека го прекршува Кодексот за етичко и морално однесување.
-И досега сме постапувале непристрасно, без оглед на тоа за кого станува збор, рече Грковска.
Според неа, има промена во начинот на однесување кај некои функционери и во зголемувањето на свесноста за разлика од порано и смета дека со мерките што се преземаат ќе дојдеме до момент кога некој ќе понесе одговорност за несовесно работење.
- Има промена во начинот на однесување кај некои функционери, во зголемување на свесноста, меѓутоа тоа е прашање на време, не се случува преку ноќ. Јас сум сигурна дека со ваквите мерки ќе дојдеме до оној момент кога ќе посведочиме некој да понесе одговорност за несовесното однесување, рече Грковска.
Не се согласува со констатацијата дека заложбите се само декларативни затоа што, како што вели, мерките што ги овозможува Етичкиот кодекс се конкретни.
- Меѓутоа, тоа не е закон, нема можност за прекршочни одредби. Станува збор за етички мерки само што ние како општество се уште, за жал, не сме до дојдени до тој степен етичките мерки и Етичкиот кодекс да бидат со таа сила да влијаат многу повеќе отколку прекршочните одредби. Ние сме се уште до тој степен дека е полесно да се плати казната отколку да се внимава на тоа како да се однесуваме, оцени вицепремиерката за политики за добро владеење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа