Излетаа три автомобили - едно лице загина, три се тешко повредени
Три автомобили излетаа во три различни градови, при што едно лице загина три се тешко повредени.
Ноќеска во 01.15 часот, било пријавено дека на регионалниот пат Охрид–Св.Наум, во близина на охридската населба „Елешец“, патнички автомобил „пежо“ со охридски регистарски таблици, управуван од Д.Ц.(18) од Охрид, излетал од патот. Д.Ц. починал на местото на несреќата, а смрт констатирал доктор од Итната медицинска помош, додека 16- годишен сопатник од Охрид е пренесен во болницата „Св.Еразмо“ каде му се констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на несреќата извршија јавен обвинител, судски вештак и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
Вчера исто така во СВР Велес било пријавено дека околу 19 часот на регионален пат Р1102 во правец од село Отовица кон Велес, патничко возило „рено“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Р.Т.(71) од Велес, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани од болницата во Велес. По овластување на јавен обвинител, увид извршила увидна екипа од СВР Велес.
Додека пак во 21.26 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат с.Волковија-Тетово, патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.А.(28) од с.Челопек, тетовско излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа