Извидници од Кочани на зимски тренинг камп во Пониква
Извидничкиот одред „Ластовица“ од Кочани е организатор и домаќин на петдневен зимски тренинг камп што се одржува во спортско-рекреативниот центар Пониква.
Кампот се организира четврта година по ред со учество на триесетина млади во категориите развигорци, извидници и истражувачи, за кои извидничките старешини спроведуваат обука за неколку дисциплини во зимски услови.
-Главна цел е младите да научат да се ориентираат и да избегнат опасности на планина, особено при ниски дневни и ноќни температури, магла и ветровито време. Снегот што паѓаше во текот на изминатата ноќ и денеска дополнително ни помага да ги реализираме планираните задачи од обуката, пред сè за следење траги и укажување помош при спасување. Исто така, учесниците на кампот следат теоретска и практична обука за извидничка сигнализација во зимски услови, врзување јазли, пронаоѓање скриени предмети, а учестувуваат и во квиз натпревар за унапредување на знаењата во извидништвото, истакна Сашко Стефановски, старешина во извидничкиот одред „Ластовица“.
Тренинг кампот е дел од годишната програма за активности во која се планирани уште неколку едукативни обуки во текот на зимскиот период, како и учество на летниот извиднички камп во Охрид. Покрај тоа, извидничкиот одред „Ластовица“ спроведува и промоција на извидништвото во основните и средните училишта во градот, а запишува и нови членови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа