Јапонскиот премиер повика на итна евакуација: „Мора да се подготвиме за нови земјотреси“

 

Силен земјотрес и цунами денеска ја погодија централна Јапонија и нејзиниот западен брег, предизвикувајќи предупредувања за жителите да се евакуираат, прекинувајќи ја струјата во илјадници домови и прекинувајќи ги летовите и железничките услуги во погодената област.

По земјотресот со прелиминарна јачина од 7,6 степени, јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за силна сеизмичка активност во наредната недела, а особено во наредните два до три дена, кога земјата би можела повторно да ја погоди земјотрес со јачина од 7 степени.

Властите се уште го проценуваат обемот на штетата и жителите мора да се подготват за нови потреси, предупреди премиерот Фумио Кишида.

„Жителите мора да останат внимателни за понатамошни можни последователни потреси и ги повикувам луѓето во областите каде што се очекува цунами да се евакуираат што е можно поскоро“, рече Кишида.

Како што соопштија од Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, земјотресот бил на длабочина од 13 километри, а епицентарот бил на 90 километри северно од Такаока и 47 километри североисточно од Анамизу. Земјотресот предизвика бранови од околу 1 метар по делови од брегот на Јапонското Море.

Со најсилниот од 7,6, серија од 21 земјотрес со јачина од 4 или поголема ја погодија Јапонија за час и половина. Властите во погодените области ги повикаа жителите да се евакуираат на повисоките места. Снимките што ги емитуваше NHK покажуваат како зграда се урива во облак од прашина во крајбрежниот град Сузу, а жителите на градот Каназава се сместени под масите додека нивните куќи се тресат.

Земјотресот ги потресе и зградите во главниот град Токио на спротивниот брег. Повеќе од 36.000 домаќинства останаа без струја во префектурите Ишикава и Тојама, објави операторот Хокурику Електрик Пауер. Јапонскиот нуклеарен оператор објави дека не се потврдени никакви неправилности во нуклеарните централи покрај Јапонското Море.

Брзите железнички услуги до Ишикава беа прекинати, додека телекомуникациските оператори Softbank и KDDI пријавија прекини на телефонските и интернет услугите во Ишикава и Ниигата, според нивните веб-страници.

Јапонската АНА по земјотресот врати четири авиони за аеродромите Тојама и Ишикава, додека Japan Airlines ги откажа повеќето летови до регионите Ниигата и Ишикава до крајот на денот.

01.01.2024 - 11:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега