Јажето на Гадафи околу вратот на Саркози: Поранешниот француски претседател бара да се стопира истрагата против него
Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, сака властите да ја сопрат истрагата по повод обвиненијата дека неговата кампања од 2007-ма година ја финансирал режимот на Моамер Гадафи, пренесува "AP".
Саркози, кој ги негира обвиненијата, тврди дека од властите ќе побара да се сопре истрагата и дека ќе го тужи Зијад Такиједин за клевета.
Поранешниот француски претседател се наоѓа под истрага од 2013-та година.
Истрагата во 2016-та година добила замав кога француско-либанскиот бизнисмен Зијад Такиједин за сајтот "Mediapart" рекол дека Саркози и неговиот поранешен главен шеф на кабинетот од Либија донеле куфер со 5 милиони евра во кеш.
До пресврт дошло вчера, кога Такиједин за телевизијата "BFM" од Либан ги негирал своите претходни наводи и рекол дека Сакрози не ги примил парите од Либија за својата претседателска кампања.
Саркози подоцна во текот на денот на социјалните мрежи напишал дека вистината конечно е излегува на виделина, дека никој не дал никакви пари за неговата кампања и дека истата не била илегално финансирана.
Надлежните органи спроведуваат истрага по повод наводите дека режимот на Гадафи на Саркози му дал 50 милиони евра за претседателската кампања од 2007-ма година. Износот е повеќе од оној што бил дозволен во тоа време (21 милион ) и во спротивност на правилото за забрана на финансирање на кампања од странство.
Односот на Саркози и Гадафи бил комплексен. Поранешниот француски претседател во 2007-ма година го дочекал Гадафи во Франција со големи почести, за во 2011-та година земјата да се најде на чело на воздушните напади на НАТО силите на страната на бунтовниците против режимот на Гадафи.
Саркози подоцна во текот на овој месец го чека судење по повод други обвиненија за корупција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа