Јотова по негативното мислење за „Иван Михајлов“: Скопје не сака да престане со говорот на омраза

 

Според бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, не постои ниту еден знак дека Владата во Македонија сака да стави крај на говорот на омраза кон сè што е бугарско.

Јотова вели дека прифаќањето на францускиот предлог од страна на Македонија бил последниот позитивен чекор во процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Оттогаш, вели таа, сите активности нè враќаат назад.

„Историската комисија не функционира! Нема промена во учебниците, за што инсистира бугарската страна, а нема ни за преостанатите тврдења на Бугарија, кои се напишани црно на бело на заедничкиот протокол. Сите настани по овој предлог – од палењето на клубот во Битола до посегнувањето на бугарската културна институција – ова е официјална институција на бугарската држава и на реципрочна основа – сите овие дејства македонските власти ги оставија без последици. Сите осомничени се на слобода“, рече Јотова.

Нејзината реакција следува по вчерашната одлука на Комисијата за употреба имиња на личности, која даде негативно мислење за употребата на името „Иван Михајлов“ за бугарскиот клуб во Битола. Комисијата образложи дека ваквиот назив на организацијата е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.

Бугарското МНР претходно денес реагира дека со одлуката на Комисијата се ограничуваат правата на Бугарите во Македонија, а според нив, единствената цел била да се избришат од Централниот регистар нивните организации во земјата.

17.03.2023 - 12:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега