Јовев негира дека физички го нападнал директорот на кардиохирургија: Секој ден сум жртва на мобинг – целта е да си одам од Клиниката

Докторот Сашко Јовев, за кого Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека изутрината прво вербално нападнал медицинска сестра, а потоа и физички го нападнал директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски, сега негира дека имало физички напад.

Тој во изјава за повеќе медиуми вели имал само вербална расправија со директорот Шокаровски. По расправијата, како што тврди, во полициска станица пријавил мобинг и вербален напад.

Јовев од стрес бил хоспитализиран на кардиологија бидејќи му се покачил крвниот притисок.

-Нема физички контакт ниту од моја ниту од негова страна. Само што јас се удрив случајно од неговите лупи, но тој не ни замавна да ме удри. Ние вербално се расправавме. И бидејќи вербално се расправавме, тој прв ми рече на висок тон ,,Овде пред мене застани”. И кога му се приближив и почнав да викам, почна да извикува ,,полиција, полиција”. Ни на крај памет не ни беше да се тепаме. Тогаш јас излегов и заминав во полиција и пријавив вербален напад и мобинг од негова страна врз мене. Како може јас да одам да пријавам дека јас сум го натепал него? Тоа е нонсенс. Пријавив дека јас сум вербално нападнат и дека сум под мобинг цело време, изјави доктор Јовев за Слободен печат.

Во изјава за „Курир“, пак“ тврди дека постојано бил мета на мобинг.

-Постојано сум под мобинг. Денес мене вербално ме нападна директорот на клиниката. Ми беше прв ден на работа после боледување. Дојдов, се поздравив со сите колеги, јас со сите сум во добри односи. Ме чекаа 17 пациенти. Директорот мене вербално ме нападна, се однесуваше недолично и не ми дозволи да одам во амбуланта. Ми се обрати со зборовите „Ти пред мене“, „Доаѓај ваму, пред мене“…  Јас на тоа вребално му вратив. Му реков да не се однесува така со мене, кој сум постар и реков „Да не ти се случи друг пат ова“. Пријавив дека сум вербално нападнат. Ниту тој ме удри мене, ниту јас него. Под постојан вербален напад сум и трпам мобинг, затоа отидов да пријавам. Тој се закануваше со полиција, јас знаев што сака да направи и затоа сам пријавив, истакна Јовев за порталот.

 

18.09.2023 - 18:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега