Календар на МПЦ: Утре се празнуваат Светите Јоаким и Ана
Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат Светите Јоаким и Ана.
Свети Јоаким беше син на Варпафир, од Јудиното колено, и потомок на царот Давид. Ана беше ќерка на свештеникот Матан, од коленото Левиево, како и првосвештеникот Арон. Тој Матан имаше три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажи во Витлеем и ја роди Саломија; Совија се омажи исто така во Витлеем и ја роди Елисавета, мајката на Свети Јован Предвесник; а Ана се омажи во Назарет за Јоаким и во својата старост Ја роди Пресвета Богородица. Јоаким и Ана живееја во брак педесет години и беа бесплодни. Живеја богоугодно и тивко и од сите свои приходи само една третина употребуваа за себе, другата им ја раздаваа на сиромасите, а третата ја жртвуваа во храмот. А беа доволно имотни. Еднаш на старост, кога одеа да Му принесат жртва на Бога во храмот, првосвештеникот Исахар го укори Јоаким: „Не си достоен од твојата рака да се прими дар, бидејќи си бездетен.“ Така и другите што имаа деца го туркаа Јоаким зад себе како недостоен. Тоа многу ги нажали овие две стари души, па дома се вратија во голема тага. Тогаш обајцата припаднаа на молитва кон Бога за и ним да им направи чудо како некогаш на Авраам и Сара и да им подари едно дете за утеха во староста. Бог им го испрати Својот ангел, којшто им го објави раѓањето на нивната преблагословена ќерка, со Која ќе се благословат сите народи на земјата и преку Која ќе дојде спасението на светот. И Ана зачна веднаш и во деветтиот месец Ја роди Пресветата Дева Марија. Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ.
Тропар
Оние кои благодатно праведни беа по законот, Јоаким и Ана, младенец од Бога даруван ни родија. Затоа денес светло торжествува и радосно го празнува Божествената Црква чесниот ваш спомен, славејќи Го Бога, Кој ни ја воздигна силата на спасението во домот Давидов.
Кондак
Ана се радува сега, ослободена од оковите на неплодноста, и Ја храни Пречистата, повикувајќи ги сите да Го воспеат Господа, Кој од Нејзината утроба им ја даде на луѓето единствената Мајка неискусобрачна.
Спомен на Третиот Вселенски Собор
Овој Собор се состана во 431 година во Ефес, во времето на царот Теодосиј Помладиот. На Соборот присуствуваа двесте отци. Овој Собор го осуди Несториј, Цариградскиот патријарх, заради еретичкото учење за Пресвета Дева Марија и за раѓањето на Господ. Имено, Несториј не сакаше да Ја нарекува Пресветата Дева Богородица, туку Христородица. Со осудата на Несториј Светите отци утврдија Пресветата Дева да се именува Богородица. Освен тоа, ги потврдија одлуките на Првиот и Вториот Вселенски Собор, особено Никејо-Цариградскиот Символ на Верата и заповедаа никој да не смее од овој символ ниту нешто да одзема ниту да додава.
Светиот маченик Севиријан
Севастиски благородник. Во времето на мачењето на четириесеттемина маченици во Севастија (под 9 март), тој нив ги посетуваше во затворот и ги храбреше и им служеше. После нивната славна смрт и самиот беше фатен, биен и мачен за Христа и најпосле го обесија на дрво со еден тежок камен на вратот, а со друг на ногата. Го предаде својот дух вознесувајќи Му благодарност на Бога, во времето на царот Ликиниј, во 320 година.
Тропар
Не ја позна светот благодатта која Господ на тебе ја положи, Севиријане свет мачениче, но душите наши се зарадуваа на силата, која Спасителот во тебе ја покажа и адот замолкна, кога од него се врати оној кој по твоите молитви беше воскреснат. Моли се за нас, благодатен мачениче, преку кого Христос многумина од смртта избави.
Свети Теофан Исповедник и Постник
После богоугоден живот и страдање за Христа се упокои мирно во 299 година.
Тропар
Славословејќи го Господа, радост неизмерна ја залева душата наша и умот го воздига кон благодарност, поради откритието на животот облагодатен твој, о Теофане, свет подвижниче, кој душа за Христа обручувајќи, стана ревносен исповедник на Божјата слава. Застапи се сега за нас во молитвите благодатни твои, о велик угоднику Господов.
Свети Никита угодник Божји
Живееше во Цариград, во 12 век. Со својот живот толку Му угоди на Бога, што пред него црковната врата се отвараше сама и кандилата се палеа сами од себе. Толку беше силна неговата молитва. По желба на некој ѓакон Созонт и по молитвата на Никита, ним двајцата им се јавил од оној свет некој свештеник со којшто Созонт бил скаран и останал неизмирен. Им се јавил најнапред еден ред свештеници во бели одежди, а потоа друг ред, во црвени одежди. Меѓу нив Созонт го препозна својот соперник и се помири со него. Ова се случи ноќе, во Влахернската црква.
Тропар
Блажен си ти, Божји човеку Никито, кој не во пустинските одаи, туку во вревата на светот Христа Го пронајде во срцето свое, и угодник благодатен постана на Спасителот на сите. А Он твоите молитви услишувајќи ги, нека и нас н? поведе по патот на ангелите Свои.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа