Калеска Ванчева: Ставаме крај на огромните камати, ги штитиме граѓаните

 

СДСМ и парламентарното мнозинство поднесе измени на закони со кои се ограничува каматата на долговите, односно таа да не може да биде повисока од долгот, истакна на денешната прес-конференција Снежана Калеска Ванчева, пратеничка на СДСМ.

Ставаме крај на огромните каматни стапки кои досега во некои случаи и повеќекратно беа повисоки од самиот долг, рече таа.

Според неа со предложените измени во Законот за облигациони односи и Законот за извршување, казнената камата нема да може да биде поголема од долгот.

Тоа значи во ситуација кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече или во пракса, за долг од 1.000 денари, максималниот износ на каматата да биде 1.000“, појасни таа.

Со предлог законските измени, како што рече, се предвидува скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката.

Ова во пракса, оценува пратеничката, значи намалување на можноста за акумулирање на каматата, но и стимулација за побрза наплата од страна на доверителите.

„На овој начин ставаме крај на енормните камати што повеќекратно го надминуваа долгот и на тој начин граѓаните, па и цели семејства се туркаа во должничко ропство.

Овие предложени измени директно ќе се однесуваат и на Законот за финансиски друштва каде што е регулирано финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги“, појасни таа.

На ваков начин појасни дека се зајакнува и контролата на државата врз работењето на финансиските друштва но и во она што значи наплата на трошоци.

Овие измени, според неа, се во директна корист на граѓаните и затоа ги повика сите пратеници од сите пратенички групи, да дадат поддршка, за нивно усвојување.

 
04.05.2023 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега