Kaсами: Времето на заплашување Албанци е мртво, се плашиме само од албанскиот народ
Обидите за страв и замолчување како во времето на комунизмот воопшто не не плашат, продолжуваме со кренати глави, пишува тетовскиот градоначалник, Билал Касами откако Министерството за внатрешни работи поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против него и против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу поради дел од скандалите на пречекот на косовскиот премиер, Албин Курти.
Касами вели дека се работи за уцени во обид да ја попречат здружената опозиција.
„Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици е мртво, заедно со тоа наскоро ќе умре и овој ваш комунистички режим. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, додека ние како опозиција се среќаваме со овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, пишува Касами.
Посетата на Курти во Македонија ги разбранува земјата и регионот. МВР поднесе прекршочни пријави бидејќи при организираниот пречек на 11 август во Чаир и Тетово, не било постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Македонија. Конкретно, за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме, со што е сторен прекршок по членот 30 од истиот закон.
Истовремено полицијата четири дена трага по лицето кое во Тетово вееше знаме на „голема Албанија“ и најавува дека по неговото пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Партиите од албанскиот политички блок, не се оградија, ниту се извинија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави. По посетата на Курти и реакциите во јавноста, Касами наместо извинување, објави видео од пречекот на кое јасно се гледа како се вее знамето на „голема Албанија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа