Кисела Вода: Стаклара за првпат ќе добие водовод и фекална канализација

 

Средства во износ од 480 000 евра и’ се одобрени на Oпштина Кисела Вода за изградба на водоводна мрежа со резервоар во населбата Стаклара (Каменик). Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и министерката за животна средина Каја Шукова, каде официјално беше потврден позитивниот одговор на апликацијата поднесена од страна на општината и беа дефинирани смерниците по кои ќе се изведува овој капитален проект.

Проектот “Подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија”, во однос на реализација на втората фаза од проектот “Водоснабдување и одведување на отпадни води”, кој ќе се спроведува преку Министерството за животна средина и просторно планирање е финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) која за ова потпиша договор со македонската Влада и ќе се реализира согласно владината предлог методологија за распределба на средствата.

Се работи за капитален проект кој предвидува изградба на две мрежи, и водоводна и фекална канализациона мрежа во вкупна должина од 9.2 километри. Фекалната канализациона мрежа ќе биде во должина од 5.7 километри, додека водоводната во должина од 3.5 километри. На квалитетна инфраструктура во Стаклара, како еден од елементарните услови за нормално живеење и делување, декади наназад чекаат преку 500 семејства и безмалку сите бизнис ентитети лоцирани во овој дел на општината.

Општина Кисела Вода го изработи проектот непосредно по доаѓањето на Орце Ѓорѓиевски на градоначалничката позиција. Неговата имплементација е веќе загарантирана бидејќи покрај изградба на водоводната мрежа и резервоарот, кои се обезбедија преку Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Кисела Вода паралелно ќе ја изведува фекалната канализациона мрежа за која средствата ги обезбеди преку финансиско партнерство со општествено одговорните компании од овој дел на Кисела Вода. По овој градежен зафат, ќе следува и асфалтирање на улиците, со што покрај целосната функционалност, ќе се постигне и естетика во просторното уредување.

28.06.2023 - 17:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега