Коѕиас: Жал ми е што Нова демократија го третира Договорот од Преспа како внатрепартиски проблем

 

За аргументите за и против Договорот од Преспа, секој од своја гледна точка и за детали од преговорите од своја перспектива, меѓу другото дискутираа поранешните шефови на грчката дипломатија од Нова демократија, ПАСОК и СИРИЗА, Дора Бакојани, Евангелос Венизелос и Никос Коѕијас за време на панел дискусијата посветена на надворешната политика на конференцијата на „Катимерини“ по повод 50-годишнината од обновувањето на демократијата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Коѕиас објасни како течеа преговорите и упати критики дека „политичкиот персонал во Грција нема политичка храброст да го поздрави тоа што земјата конечно реши еден проблем“, Венизелос истакна дека Договорот од Преспа треба да се почитува, а Бакојани го повтори нејзиниот став дека проблематичен е делот што се однесува на јазикот и идентитетот.

Поранешниот шеф на дипломатијата од редовите на СИРИЗА кој е и потписник на Договорот од Преспа, Никос Коѕиас објасни дека во делот на јазикот и националноста станува збор за компромис бидејќи „не победивме во некоја светска војна за да не постои компромис“, истакна дека јазикот уште од 1977 година е регистриран во ОН, а се осврна и на меморандумите што не се ратификувани во Парламентот. 

-Жал ми е многу што Владата на Нова демократија продолжува да го третира случајот со Преспа како внатрепартиски проблем. Односно, постојат трите протоколи, едниот протокол вели дека ние ќе го контролираме воздушниот простор на Северна Македонија. И ова не го носи во Парламентот. Зошто? Кој ќе биде против? И сега воздушниот простор преку НАТО го преземаат Италијанците, а за кратко ќе видиме што ќе прави и Турција. И се прашувам, кој е придобивката? Која е целта?, рече Коѕијас.

Дополнително посочи дека актуелната грчка Влада ги распушти комисиите што постоеја за образовните прашања и за трговските ознаки, формира нови, но не постои напредок.

-Префектот во Солун, го задржува името „кон Скопје“ или „кон ФИРОМ“ на таблите со што го прекршува грчкиот закон, изгласан од Парламентот. Не е добро за земјата да не функционира овој Договор, додаде поранешниот шеф на дипломатијата.

01.03.2024 - 17:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега