Кој сака преќутно да ја „лапне“ зградата на Еуростандард банка во центарот на Скопје!?

 

Истражувачката сторија на емисијата Код, емитувана на Телевизија Телма, откри нови, скандалозни моменти за тоа како и кој сака да ја земе зградата на Еуростандард банката под крајно сомнителни околности...

За потестување - Еуростандард банката пропадна во август 2020 година и беше прогласен стечај. Неколку месеци подоцна Обвинителството отвори истрага против сопственикот Трифун Костовски и раководителите на банката. По прогласувањето на стечајот, банката требаше да им исплати на доверителите 107 милиони евра. Имотот на банката, тогаш беше проценет на скоро 140 милиони евра. Сепак, скоро 55 милиони евра беа проценети како нефункционални побарувања, односно кредити без покритие кои тешко ќе може да се наплатат.

Првиот обид за продажба на зградата пропадна во септември 2022 година. Скопската фирма Пантелеон ГС на јавното наддавање понуди 7 милиони евра за зградата. Фондот, не ја прифати понудата…

Во декември 2022 година се одржува втора аукција на која истата фирма, Пантелеон ГС е единствен наддавач, кој нуди 5 милиони евра за банката.

Фондот ја одбива и оваа понуда. Пред третата лицитација меѓународна ревизорската куќа прави нова процена на зградата. Вредноста на зградата пред третата лицитација според меѓународна процена е 5,3 милиони евра.

На третата лицитација повторно истата компанија дава најповолна понуда. Овој пат од 5,4 милиони евра.

Од тој момент постапката за продажба на зградата се претвора во тотален хаос во кој не се почитува волјата на доверителите, се кршат закони, а судовите како и фондот за осигурување на депозити на необјаснив начин менуваат одлуки претходно донесени од нивна страна.

1) На собранието на доверители со дневен ред по кој треба да се одлучува за прифаќање на понудата за продажба на зградата одржано на 31.08.2023 година, стечајниот управник Маринко Саздовски бара одлагање на истото. Како причина за одлагањето наведува дека од страна на неколку малцински доверители е поднесено барање за поништување на процената на зградата.

Ваквото образложение на Стечајниот управник во најмала рака е чудно од причина што во поднесеното барање на овие доверители како повреда на постапката никаде не се споменува процената.

Затоа што истата е важечка кога се дава понудата што е во согласност со законот за стечај.

2) И покрај ваквото изигрување (прекршување) на законот

Стечајниот судија го одлага собранието и закажува ново на 15.09.2023 година со единствена точка на дневен ред “Гласање по предлогод даден од стечајниот управник за поништување на процената„.

3) Доверителите на собранието одржано на 15.09.2023 година со 90% од гласовите го одбиваат предлогот на стечајниот управник за поништување на процената. После ваквата одлука на сцена стапува стечајната судијка која наместо да повика на гласање за продажбата на зградата носи одлука контра 90% од доверителите односно го прифаќа предлогот на стечајниот управник за поништување на процената.

4) Ваквата одлука на првостепениот суд експресно е поништена од апелација со инструкции да се гласа за продажбата на зградата.

5) На собранието одржано на 01.12.2023 година кога доверителите очекуваа дека ќе биде прифатена понудата за продажба на зградата, Фондот претставуван од директорот Амир Шабани (иако на едно од претходните собранија гласаше против поништување на процената) гласа против прифаќање на понудата.

6) На оваа одлука доверителите доставуваат жалба до Апелација. Иако пред неполни два месеци Апелација одлучува позитивно по жалбата од доверителите, од непознати причини се премислува и ја одбива жалбата.

7) По ваквата одлука, за прв пат во постапката судијката одлучува да го почитува законот и да ја распредели зградата на доверителите.

Ова очигледно не одговара на некого, судијката е сменета и прераспоредена да суди работни спорови.

На нејзино место доаѓа судијата Артан Лимани кој веднаш по неговото назначување спротивно на законот ја доделува зградата на фондот, а за мир во куќа на доверителите им исплаќа пари од собраната стечајна маса.

Со ова директна штета претрпува државата затоа што наместо во стечајната маса да влезат нови 5,4 милиони евра државата (фондот) за 8,5 милиони евра добива (купува) зграда чија вредност со меѓународна процена е утврдена на 5,3 милиони евра.

На ваквата одлука фондот не вложува жалба и прифаќа цена од 8,5 милиони евра за зграда која со последната процена е проценета на 5,3 милиони.

Сите наводи во текстот се дел од стечајното досие на Еуростандард банка.

Во продлжение и сторијата објавена во емисијата Код на Телевизија Телма...

21.03.2024 - 21:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега