Комисијата за европски прашања го усвои дневниот ред, утре расправа за првиот закон за коридорите

 

Собраниската Комисија за европски прашања која вечерва требаше да ги разгледа предлог-законските измени за коридорите, го усвои само дневниот ред, а со расправата по првата точка треба да почне утре.

Пред да биде изгласан дневниот ред, процедурално за збор се јавија координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и заменик-координаторката Ели Панова. Тие реагираа дека се прават сериозни прекршувања на Деловникот, како и дека законите што се предложени немаат врска со европската регулатива, ниту се со неа усогласени. За се ова, се заканија Мицевски и Панова, ќе има одговорност. По нив процедурално се јави и Дафина Стојановска, обвинувајќи дека „се прави криминал што ќе се плаќа со пари на граѓаните“.

 -Се прават сериозни прекршувања на Деловникот. Нема да ја спомнам денешната седница и начинот како дојдовме до Комисијата. Пленарната седницата заврши во 18.21 минута, а во 18.22 беше пуштена порака дека е закажана 54.седница на Комисијата за европски прашања во 18.45 или за 23 минути. Во 19.21 часот се уште немаше ништо прикачено на е-Парламент за седницата. Пред три минути е ставена седницата. Носиме закони што ќе влечат две-три милијарди евра, а не застанувате да ги погледнеме овие работи. Делегација на ЕУ се изјасни дека употребата на европското знаменце не е оправдана, а и Комората на овластени архитекти и инженери кажа: „Остануваме на ставот дека дел од опишаните процеси не смеат да бидат заобиколени со кратење постапки, а со преиначување на постапките се нарушува професионалниот пристап“. Не се сигурни кој што ќе проектира, какви патишта ќе бидат проектирани - „со недофатливи негативни импликации“, рече Мицевски.

Тој му забележа на претседателот на Комисијата Арбр Адеми дека молчи, без да даде никакви одговори на поставените прашања. 

-Дали имаме опструирана дебата? Дали имаме ограничена амандманска расправа? Треба да глумиме дека се е во ред, дека Комисијата функционира, дека тераме по предложениот дневен ред и да завршиме работа. Не знам колку можеме да го спуштиме нивото на оваа институција. Не мора да се чека за пленарна седница десет дена, комисија се закажува за 22 минути, закажувањата се надвор од сите процедури, транспарентноста на седниците е нула. Комисии нема потреба да има зашто Комисијата за европски прашања презема се. Ова што го правите, ќе ни се удри на сите од глава, истакна Мицевски.

10.05.2023 - 21:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега