Ковачевски: Го штитиме стандардот на граѓаните, ја развиваме економијата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска беа во посета на компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани, специјализирана за откуп, преработка и пласман на ориз.
 
За време на посетата, на премиерот Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бачовски им беше презентиран процесот на работа на компанијата, која е извозно ориентирана.
 
 Компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани се квалификува како корисник на владините мерки во рамките на Програмата за рурален развој за поддршка на откупувачите и преработувачите на бел ориз при трошоците за амбалажа и за откуп наменет за извоз.
 
„Владата е во секојдневна комуникација со стопанството, со граѓаните, сè со цел да креираме навремени и таргетирани мерки кои ги носиме и на дневна основа како што можете да се уверите. Будно ја следиме состојбата уште од првиот ден на енергетската криза, која очекувано беше дека ќе предизвика и ценовен раст на храната. Нашата цел е да го заштитиме стандардот на граѓаните, но истовремено и ликвидноста на компаниите. За нас се сите важни, и граѓаните и стопанството.  
Дека мерките што ги носиме се исправни покажуваат и фактите што се пред нас, што неколку месеци наназад, поточно последните три, инфлацијата опаѓа. Сметам дека ќе ја намалиме на едноцифрена бројка во наредните месеци, а ако трендот на намалување продолжи и во наредните месеци и по летото, можно е да одиме и под 7.1%“, изјави премиерот Ковачевски, при посетата на компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани.
 
Притоа, премиерот Ковачевски потенцираше дека се направени корекции на цените на зеленчукот и овошјето, чии цени беа замрзнати или намалени претходниот период, сè со цел да се најде баланс и во интерес на сите засегнати. Премиерот Ковачевски најави дека контролите на инспекциите во врска со цените и пласманот на прехранбените продукти ќе продолжат, а дека ќе се носат мерки за непречено снабдување на граѓаните.
 
Премиерот Ковачевски се осврна и на мерките за поддршка на нашето производство на храна.
 
„Конкретно за производството на ориз, за 300 отсто ги зголемивме субвенциите за производство на ориз. Денес имаме највисока историска откупна цена на оризот којашто се движи од 36 и 38 денари за откупен килограм. Навремено ги исплативме субвенциите за полјоделците и за 2.364 производители на ориз, а добија и зелена нафта со зголемен износ од 1.600 денари по хектар. Воведовме посебна мерка за набавка на комбајни за жнеење на ориз, како и мобилни сушари за ориз. Воведовме нова мерка од Програмата за рурален развој, со која им помагаме на откупувачите и преработувачите на бел ориз да го зголемат извозот и да ги намалат трошоците за амбалажа којашто е мерка воведена прв пат во нашата држава. Оризовата арпа достигна највисока рекордна откупна цена која се движи од 36 до 38 денари и вчера се исплатија 32 милиони денари (520.000 евра) кон 1.036 оризопроизводители за дополнителните три денари по килограм за произведена и предадена оризова арпа во преработувачки капацитет“, истакна премиерот Ковачевски, додавајќи дека ова се мерки за вистинска грижа во услови на криза.  
 
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски изјави:
„Поддршката за оризопроизводителите и оваа година ја исплативме навремено и неселективно. Во февруари се исплатија субвенциите за полјоделски култури, меѓу кои и оризот пришто со поддршка се стекнаа 2.364 оризопроизводители.
Дополнително, со вчерашната исплата за предадена оризова арпа во период од 16.12.2021 - 30.6.2022 година, се заокружи поддршката за реколта 2021, каде над 1.000 земјоделци кои предале оризова арпа, добија поддршка од над 90 милиони денари“.
 
Сопственикот и управител на „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани, Јашар Ахмет Озкул се заблагодари за посетата на премиерот Ковачевски, истакнувајќи дека компанијата располага со најсовремена технологија.
 
„Како турска инвестиција, ние сме во близок контакт со ТИКА, која воведе современи турски сорти на семе од ориз, и со Канцеларијата на „TMO Earth Products“, државна компанија одговорна за чување државни резерви и за набавки за регулирање на цените на зрнести производи. Наша цел е да ја искористиме понудата од 8.000 тони што претходно ја потпишаа владите на Северна Македонија и Турција за увоз без царина на македонскиот ориз во Турција. Волонтираме да бидеме контактна точка меѓу Турција и Северна Македонија во сите сегменти во врска со оризот“, нагласи сопственикот Јашар Ахмет Озкул и додаде:
 
„Оваа Влада направи неколку работи за да ги подобри придобивките на земјоделците и на оризопроизводителите. Давањето субвенции по килограм официјално продаден ориз на фабриките и субвенционирањето на пакувањето на извозениот ориз се дел од неодамнешните големи мерки што ги презема оваа Влада. Згора на тоа, оризопроизводителите годинава оризовата арпа ја продаваат по цени од 35-39 денари. Сигурен сум дека Министерството и другите релевантни институции ќе продолжат да прават повеќе за да продолжат да помагаат на оваа стара индустрија да расте“. 
12.04.2023 - 12:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега