Ковачевски: Немам разговарано со Грција за пролонгирање на рокот за пасошите, Пендаровски ја презеде обврската
Премиерот Димитар Ковачевски не разговарал со Грција за можноста да се пролонгира рокот за новите патните исправи, откако граѓаните се изложени на минусни температури со часови да чекаат за да можат да извадат нов пасош, а уште толку и за да го подигнат.
Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања се огради за можноста лично да комуницира со Грција, велејќи дека таа обврска ја презел претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Со грчките власти немам разговарано. Тоа претседателот на државата го презеде како обврска да се чуе со претседателката на Грција. Имаме разговори коишто се водат со ресорните министри. Ја видов иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставен суд. Не ја отфрлам, но одлуката е на Уставниот суд“, рече Ковачевски.
Премиерот вели дека како држава со преспанскиот договор сме се обврзале дека до 12 февруари документите за надворешна употреба ќе бидат со новото уставно име на државата.
„Законски измени може да се направат, но се работи за документи за надворешна употреба. Значи личната карта и со Република Македонија се користи за внатрешна уоппотреба, како и возачката дозвола. Надчовечки направија вработените во МВР. Променија 1, 2 милиони пасоши, гледате дека работат луѓето и за празници и во недела и ќе разговараме, тоа е процес кој мора да се заврши“, рече Ковачевски.
Грција е една од омилените дестинации за патување на граѓаните од средина на мај до средина на септември, па неопходен е договор со Грција, додаде премиерот.
Од Кабинетот на Пендаровски минатата недела за „Макфакс“ изјавија дека претседателот е подготвен да придонесе за да се пролонгира рокот за замена на личните документи, но комуникацијата околу преспанскиот договор треба да оди преку МНР кои се потписници.
Во однос на предлогот на Пендаровски, рокот за пасошите да се пролонгира со законски измени, од неговиот кабинет рекоа дека ако Владата го смета предложеното за добро, може веднаш да почне со иницијатива за негова реализација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа