Крај на зависноста од социјалните мрежи: Децата во Австралија повеќе нема да можат да ги користат


Австралија планира да воведе нови закони до крајот на годината кои ќе ги спречат децата да користат социјални мрежи поради ризиците што тие ги претставуваат за нивното физичко и ментално здравје, изјави утринава премиерот Ентони Албанез.

Премиерот најави дека неговата влада ќе воведе пробен период во текот на следните неколку месеци што ќе бара од корисниците на социјалните мрежи да ја потврдат својата возраст.

„Сакам децата и младите да се оддалечат од своите уреди. Сакам да ги гледам на фудбалски терен, базен или тениско игралиште. Сакам да имаат вистински искуства со вистински луѓе бидејќи знаеме колкава штета можат да направат социјалните мрежи “, изјави Албанез за националната телевизија.

Премиерот не беше баш прецизен за старосната граница под која нема да се дозволи користење на социјалните мрежи, но рече дека тоа ќе биде меѓу 14 и 16 години. Дополнително, тој нагласи дека е загрижен за ефектите кои сајбер-малтретирањето ги има врз менталното здравје на децата, како и за лесната достапност на содржините на социјалните мрежи кои ги смета за штетни.

Досега, неколку земји се обидоа да го ограничат пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, но правните предизвици и технологијата, како што се приватните мрежи кои ја прикриваат локацијата, се покажаа како најголеми пречки во овој потфат.

„Ова е глобален проблем со кој се соочуваат владите ширум светот. Знаеме дека не е едноставно или лесно, инаку владите веќе би реагирале и би направиле нешто околу тоа“, рече Албанез.

10.09.2024 - 10:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега