Крмов: Лошо почна Собранието, Левица е оштетена


„Левицата како партија е четврта политичка сила во Собранието, по ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, но веќе на почетокот ова собраниско мнозинство ја оштети нашата партија со неизбор на наш член во верификациската собраниска комисија“, рече од собраниската говорница пратеникот Борислав Крмов како единствен пратеник што побара збор пред паузата.

„Според член 12 став 2, верификациската комисија се состои од претседател и четворица пратеници, кои припаѓаат на разни партии. Ние тука имаме предлог за двајца членови од иста партија. На координацијата на која присуствував беше толкувано дека идната власт морало да има мнозинство, а не морало, можело членот да се смени. Зборот ‘различно’ во член 20 за Комисијата за избори и именувања се однесува на соодветна застапеност на пратениците од политичките партии, ама вие тој го толкувате како исти. Фактички, Левицата ја оштетивте за еден член на оваа комисија затоа што Левицата е четврта партија во ова Собрание: прва е ВМРО-ДПМНЕ, потоа е СДСМ, па ДУИ и Левицата како четврта сила со шест пратеници. Петта е Знам со шест пратеници, но Левицата има поголем број гласови на изборите, а потоа следува Беса со пет пратеници. Значи, еден член требаше да има Левицата. Уште на почеткот почнавте со лоши практики“, рече Крмов.

Претседавачката со седницата на тоа одговори дека за ова прашање е одлучувано на координација, на која присуствуваа претставници на сите партии и дека така е утврдена листата на членови на комисијата.

При гласањето само шест пратеници беа против изборот на верификациската комисија, сите шест од партијата Левица.

За претседателка на комисијата е избрана Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, а за членови: Благица Ласовска, Даниела Николова, Дијана Тоска и Беким Сали.

Собранието во овој момент е на пауза поради работата на верификациската комисија.

28.05.2024 - 15:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега