Левица: Кумановско село остана без леб – не им се исплаќа да го носат со комбе

Жителите на кумановското село Шупли Камен веќе трета недела се оставени без леб, затоа што во селото нема ниту една прехранбена продавница, а пекарите, кои носеле леб три пати во неделата со комбе, престанале да го носат откако влада ја замрзна цената на лебот на 33 денари, по што повеќе не им се исплатувало да го носат – аларимира партијата Левица.

Меѓу жителите на ова село, велат од партијата, има лица со посебни потреби, стари и изнемоштени, пензионери и работници кои својот работен век го посветиле на земјоделие и производство на храна.

„Ваквиот третман на овие луѓе, како од централната, така и од локалната власт, е суров, под секое човечко достоинство и за најстрога осуда. Бараме централната власт итно да најде решение за луѓето кои ги остави без леб и итна мерка уште денес од страна на градоначалникот за решавање на проблемот“ – се вели во соопштението на Левица.

Партијата вели дека постои можност со овој проблем да се соочуваат и луѓе во други села во земјава.

 

19.03.2023 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа