Мачу Пикчу повторно отворен за туристи
Мачу Пикчу, една од главните туристички атракции во Јужна Америка, повторно беше отворена за посетителите вчера по неколку недели неработење поради немирите.
Протестите предизвикани од соборувањето и затворањето на поранешниот претседател на Перу, Педро Кастиљо во декември го блокираа туризмот на Андите, па и ги принудија властите да го евакуираат Мачу Пикчу. Беа запрени и возовите што сообраќаат меѓу ова историско место и градот Куско. Иако блокадите на патиштата на југот на Перу продолжуваат, последниве денови владее релативен мир.
Повторното отворање уследи по договорот меѓу туристичките компании, властите и тамошната заедница, за гарантирање на безбедноста околу Мачу Пикчу и за превозните услуги.
Мачу Пикчу бил изграден во 15 век, веројатно во времето на Империјата на Инките. Бил напуштен при шпанското освојување, а откриен е во 1911 година од американскиот истражувач Хирам Бингам.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа