Мајмун остави 23 милиони луѓе без струја

 

 

Според министерот за енергетика, Кумара Јајакоди, прекинот на електричната енергија се случил кога мајмун влегол во електраната „Панадура“, јужно од Коломбо, и дошол во контакт со мрежен трансформатор.

Пoради прекинот на снабдувањето, милиони луѓе се без струја со часови, а тоа предизвикa проблеми и во болниците, станиците за третман на водата и железничкиот систем.

„Мајмунот удри во далновод во електраната, што предизвика моментна нерамнотежа во системот“, изјави Јајакоди за новинарите.

Чувар од електраната „Панадура“ изјави дека слушнал силна експлозија, проследена со облак од чад, што се издигал од централата. Мајмунот починал на местото на настанот, додаде тој.

Многумина беа принудени да се потпрат на генераторите откога почна прекинот на електричната енергија, вчера околу 11 часот по локално време. На жителите им беше препорачано да ги исклучат своите соларни системи и да штедат вода додека не се врати струјата.

Иако напојувањето постепено се обновува, официјални лица рекоа дека ќе бидат потребни уште околу четири дена ситуацијата целосно да се стабилизира.

„Здравствените установи и постројките за прочистување на водата се наш приоритет“, соопшти ЦЕБ. Министерството за енергетика и ЦЕБ и се извинија на јавноста за непријатностите предизвикани од прекинот на електричната енергија.

Додека властите работеа на санација на проблемот, многу жители на Шри Ланка повлекуваа паралели со легендарната приказна за Хануман, богот на мајмуните од хиндуистичката митологија, кој го запали островот со запалената опашка.

Социјалните мрежи беа преплавени со мемиња и сатирични објави, а некои сугерираат дека Хануман се вратил за да ја потсети Шри Ланка на нејзината влошена инфраструктура.

Инцидентот повторно предизвика критики за застарената електрична мрежа во земјата, при што инженерите предупредуваат дека системот е толку кревок што дури и најмалиот прекин може да доведе до катастрофален дефект.

Поведена е истрага за да се утврди точната причина за прекинот на електричната енергија, а жителите веруваат дека владата треба да даде приоритет на модернизацијата на мрежата наместо да ги обвинува злобните мајмуни.

10.02.2025 - 14:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега