Македонка ги расплака сите: "Да ти се плукнам во ваквата пролет, цветовите пеплосаа"

 

Марија Прличкова - Нешовска е девојка од Македонија која со својот потресен и емотивен статус на Фејсбук по трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, ја расплака цела Македонија.

- Да ти се плукнам во ваквата пролет, кога наместо да расцутат цветовите, тие се пеплоса, а ние заедно со нив. За момент ќе заборавиш, а во другиот веќе сфаќаш што се случило. Дека нема назад. Дека нив ги нема назад. Дека ништо веќе нема да е исто. Дека тие не се враќаат веќе… и тогаш почнуваш да рикаш од болка. Телото го чувствуваш уморно и истоштено, иако знаеш дека ништо физички не те изморило. Правиш сѐ што можеш да си одвлечеш внимание, но џабе, болката одвнатре те јаде, те глода. Немоќно стоиш и немо гледаш во сликите и имињата на оние кои животот си го дале за да спасат други животи. Ги гледаш сите млади, убави, полни со живот. И одново се рушиш. И таман мислиш, пресуши, немаш што да исплачеш, солзите самите се лизгаат по образите, се топат кутрите на усните…Животот ни се скрати на сите нам…напиша Марија.

 

Инаку, во пожарот во Кочани загинаа 59 лица кои вчера беа испратени во вечниот дом, повеќе од 160 се повредени. Дел од повредените се на лекување во Клиниките низ Македонија, дел во регионот и странство.

Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. 

 За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.

21.03.2025 - 09:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега