„Македонските граници ќе бидат граници на ЕУ“ - Царинска управа доби грант тежок 4,8 милиони долари

Директорот на Царинска управа, Стефан Богоев и генералниот директор на Царинската служба на Република Кореја, Кванјанг Ко остварија средба во седиштето на корејската Царина во Сеул на којашто најавија отпочнување на реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад.

Богоев заедно со помошниците директори, Маженковски и Ветеровски, е во дводневна работна посета на Царинската служба на Република Кореја, што се реализира во рамки на неодамнешниот потпишан Меморандум за соработка со корејската Царина.

„Имплементацијата на овој систем ќе помогне во унапредување на ефективноста на Царинската управа, односно да собереме повеќе пари во Буџетот, да бидеме партнер на бизнис заедницата, и да се бориме против организираниот криминал и корупцијата што повторно придонесува за повеќе приходи во Буџетот“, рече Богоев.

Oдлуката за доделување на грантот од Владата на Кореја следи по тригодишна анализа на македонската Царина по што е одлучено дека како лидери во регионот, грантот треба да биде доделен токму на Царинската управа на Република Северна Македонија. Во оваа насока, од страна на генералниот директор Кванјанг Ко беа поздравени заложбите што ги презема македонската Царина со цел зголемување на ефективноста на Царината и создавање услови за поголема конкурентност на македонската економија.

Богоев во рамки на средбата ја истакна посветеноста на нашата држава на процесот на интеграција во ЕУ и поставување на основите за функционирање на единствен пазар.

„Стратешка цел е Република Северна Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија до 2030 година што значи дека македонските граници ќе бидат граници на ЕУ. Ова значи и целосна хармонизација на нашето законодавство со европските регулативи. Воедно во континуитет работиме на целосна дигитална трансформација на Царинската управа и имплементација на нови и унапредување на постоечките ИТ системи во линија со системите на ЕУ“, вели Богоев.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка коишто ќе отворат нови можности за финансиска поддршка.  

08.11.2023 - 10:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега