Македонските православни цркви во Торонто собраа 50.000 долари за настраданите во Кочани
Со благослов на митрополитот Американско-канадски на МПЦ -ОА г.Методиј, во македонскиот православен епархиски храм „Св. Климент Охридски“ – Торонто, во организација на сите македонски православни цркви во Канада, изминатиотв викенд се одржа голем хуманитарен настан за собирање финансиски средства за настраданите во трагичниот пожар во Кочани.
На настанот присуствуваа архиерејскиот заменик и намесник на Американско-канадска епархија протоереј ставрофор Синиша Ристовски и протоереј Драган Јорданов од црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ – Детроит, кои дојдоа од Америка да го поддржат овој настан, пренесува Литургија.мк.
Настанот започна со молитва при што во црквата беше отслужен парастос за упокоените и молебен канон за закрепнување на повредените. По отслужената молитва, протоереј Синиша Ристовски во своето обраќање ја истакна важноста од единството на македонскиот народ во дијаспората, кој секогаш сочувствувал со тешките несреќи што се случувале во Македонија.
По завршувањето на молитвите, во преполната сала на црквата следуваше добротворна вечера, на која хуманите Македонци даруваа финансиски средства со желба истите да донесат утеха и надеж на оние што страдаат.
За овој хуманитарен настан, зографот г. Георги Даневски наслика икона со ликот на Господ Исус Христос која беше наменета за лицитација, да се соберат финансиски средства за жртвите на трагичниот настан кој ја потресе заедницата. Со тајно наддавање, иконата беше откупена од македонскиот активист Мајкл Георгиев, кој по потекло е од Кочани. Иконата беше откупена по цена од 20.000 канадски долари.
Во текот на настанот вкупно беа донирани околу 50.000 долари од македонскиот православен народ во Канада, а дополнителни донации се очекуваат и од сите цркви поединечно, кои ќе направат и своја лична донација. Донациите ќе продолжат да се собираат и во текот на наредните недели, а целта е до крајот на хуманитарната кампања да се соберат околу 100.000 канадски долари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа