Макрон повика на мобилизација за спас на океаните
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на мобилизација за спас на океаните, кои, според него, се во процес на вриење под влијание на глобалното затоплување.
Овој повик Макрон го упати на отворањето на Конференцијата на ОН за океаните, која се одржува во јужниот француски град Ница.
– Првиот одговор, следствено, е мултилатералниот пристап. Климата, слично како и биодиверзитетот, не е прашање на мислење, тоа е прашање на научно утврдени факти, рече Макрон.
Тој додаде дека Договорот за отворено море ќе биде ратификуван од доволен број земји за да може да стапи во сила. За таа цел, пактот треба да биде ратификуван од 60 земји.
Досега 50 земји го ратификувале, а уште 15 најавиле дека ќе го сторат тоа, изјави Макрон и додаде дека тоа значи дека наскоро договорот ќе стапи во сила.
Договорот, потпишан во 2023 година, би требало да стапи во сила 120 дена по ратификацијата од 60-тата земја. Франција сакаше овие 60 ратификации да бидат направени пред конференцијата во Ница.
Текстот на договорот беше официјално прифатен во јуни 2023 година во седиштето на ОН во Њујорк, а целта на документот е да обезбеди одржливо користење и зачувување на морските ресурси во отворени води.
При отворањето на конференцијата денеска во Ница, Макрон изјави и дека длабочините, Гренланд или Антарктикот не се на продажба.
– Морските длабочини не се продаваат, ниту е на продажба Гренланд, ниту пак Антарктикот или отвореното море, нагласи Макрон во време кога претседателот на САД, Доналд Трамп, зборува за припојување на Канада или на Гренланд.
Францускиот претседател ќе го посети Гренланд на 15 јуни.
На конференцијата во Ница, која ќе трае до петок, присуствуваат лидери и претставници од 130 земји. Клучни теми во дискусиите се загадувањето на океаните со пластика, проширувањето на морските заштитени подрачја во меѓународните води и контроверзното длабокоморско ископување на минерали.
Франција и Костарика се домаќини на настанот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа