Малтешкото МНР му ја прекина функцијата на Анѓушев – тој се заблагодари: „Не можам да бидам конзул со сенка врз моето име“

 

Министерството за надворешни работи на Малта му ја прекина функцијата „почесен конзул“ на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој со последната одлука на Стејт Департментот се најде на црната листа на Соединетите Американски Држави.

-Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања, изјавил портпаролот на малтешкото министерство.

Анѓушев, пак, ѝ се заблагодари на Малта за мандатот и вели дека и покрај тоа што не се согласува со обвиненијата за вмешаност во корупција, сепак не може да биде конзул со сенка врз неговото име.

- Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција, реагираше Анѓушев.

Инаку, тој самиот го информирал шефот на малтешката дипломатија за одлуката на Стејт департментот.

-Во текот на вчерашниот ден лично го информирав министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба, како и за мојата определба да ги искористам сите пропишани можности во правец на издржано и осовано преиначување на оваа одлука на администрацијата на пријателските Соединети Американски Држави. Министерот ме информира дека Малта одблиску ќе го следи развојот на настаните и дека во тој контекст ќе го земат предвид секој позитивен исход, вели Анѓушев.

Претходно, поранешниот вицепремиер рече дека ќе ја обжали одлуката на Стејт Департментот

Покрај него на оваа листа поради корупција, претходно се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, како и бизнисмените Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко со сопругата. Покрај Камчев и брачниот пар Самсоненко, на „црната листа“ завршија и пет фирми од Македонија кои се поврзуваат со нив.

Инаку, Анѓушев беше на чело на конзулатот на Малта во Скопје од октомври 2021-вата по одобрение од владата на Малта, а воедно е и последниот висок функционер кој осамна на „црната листа“ на САД.

 

07.12.2023 - 18:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега