Манолева: На државните клиники има современи услови и апарати за лекување на пациенти како Леонид

Фондот за здравствено осигурување работи врз основа на правилници за одобрување на лекување во странство, изјави денеска дополнителната министерка за здравство Маја Манолева, одговарајќи на прашањето зошто Фондот не одобрил пари за рехабилитација на Леонид Индов во странство. Таа додаде дека на државните клиники има современи услови и апарати за лекување на вакви пациенти.

– Бидејќи сум специјалист по физикална медицина и рехабилитација, знам дека во тие правилници не постои основ за одобрување на лекување во странство за рехабилитација. Тоа е едната работа, а втората работа која што исто така сакам да ја напоменам, а која што никој не ја споменува, е дека Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација од која што јас дојдов на позиција заменик Министер во последниве 4 месеци работи со најнова и најсовремена апаратура за роботска рехабилитација којашто им овозможува на тешките неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење, изјави Манолева.

Пред медиумите таа кажа дека нејзините информации говорат дека за Леонид не е ниту побарано мислење за лекување во странство.

– Секако, за еден пациент да биде вклучен во процес на роботска реахабилитација треба да исполнува одредени критериуми коишто ги проценува стручиот колегиум на клиниката. Она што го знам неофицијално е дека од клиниката не е побарано стручно мислење за конзилијарно лекување во странство, додаде Манолева.

Леонид Индов ќе се опоравува во странство, а за трошокот ќе се погрижи неговото семејство и со помош на хумани луѓе, откако ФЗОМ одби да го плати третманот со објаснување дека во неговиот случај не станува збор за лекување во странство на болест за која нема третман во земјава, туку станува збор за рехабилитација како продолжено болничко лекување.

Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.

21.02.2024 - 15:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега