Маричиќ: Годината 2023. е пропадната само за опозицијата, која го блокираше евроинтегративниот пат на државата

 

Годината 2023. е меѓу најактивните години на меѓународно-политички и дипломатски план за Северна Македонија. Пропадната година е само за опозицијата која одлучи да ја блокира сопствената држава на евроинтегративниот пат. Понудата на избори да се излезе со предлог да се чека уште 100 години не е победничка, оцени вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. 

-Мислам дека 2023 е меѓу најактивните години на меѓународно-политички и дипломатски план. Најпрво, година на успешен скрининг којшто е заведен и во извештајот на ЕК од ноември оваа година, но и од заклучоците на самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан. Повеќе успешни учества на наши високи делегации предводени од премиерот Ковачевски, претседателот Пендаровски, членови на Владата на форуми и самити поврзани со стабилноста и напредокот на Западен Балкан и односите со ЕУ, повеќе од успешно претседавање со ОБСЕ кое што беше верификувано од повеќе страни, најава во почетокот на наредната година за регионална средба на сите премиери и лидери од регионот во Скопје поврзани со Планот за раст. Да не заборавиме дека Планот за раст беше промовиран тука во Скопје со учество на министрите за финансии и за европски прашања. Мислам дека беше прилично успешна година на меѓународен план за Северна Македонија, држава која што во минатото имаше потреба од меѓународни мировни мисии, мисии за помирување, Пржински преговори и каде што внатрешниот политички систем не можеше да профункционира правилно, сега имаме ситуација во која ние посредувавме меѓу Србија и Косово и средбата во Охрид, на која се направи исчекор е уште еден доказ дека Северна Македонија е кредибилен партнер, рече вицепремиерто на новинарско прашање дали смета дека 2023-та е пропадната година на политичко-дипломатски план.

Маричиќ додаде дека тоа беше оценка и на претставниците на САД и сите коишто дојдоа во посета на државава, наведувајќи ги неколкуте посети на Урсула фон дер Лајен во една година, посета на повеќе странски претседатели и премиери, како премиерот Пленковиќ, претседателката на Словенија, претседателот на Германија, претседателот на Австрија итн. 

-Значи, една многу интензивна меѓународна година. Ова е промашена година само за опозицијата која што одлучи да ја блокира сопствената држава. Ние се бориме да немаме 11 промашени години, таа да биде само една, затоа што загубеното време никој не може да ни го надомести. Албанија стана членка на НАТО 10 години пред нас, да не дозволиме да стане земја членка на ЕУ 10 години пред нас, не заради Албанија, туку заради нас. Ние се радуваме на секој успех на секоја држава во регионот, меѓутоа Хрватска и Албанија го искористија многу добро своето членство во НАТО. Хрватска во меѓувреме стана и членка на ЕУ, а заедно бевме на масата за да станеме членка на НАТО. Е сега сме заедно со Албанија, но и со Црна Гора, Србија и другите иако и тие долго време преговараат, вели тој.

Тој е уверен дека ако ние го задржиме и го засилиме темпото можеме да ги стигнеме и оние кои 10 години преговараат и заедно со Албанија, Србија и Црна Гора да станеме членки на ЕУ,м бидејќи нагласува, се зависи од нас.

-Затоа мислам дека што помалку промашени години, а што повеќе успешни години ќе ни донесат побрзо да сме таму каде што сакаме да бидеме наместо да ги броиме промашените години. Оваа година 2023 беше промашена година само за опозицијата бидејќи ние како Влада направивме навистина многу. Јас се надевам дека наредната 2024 ќе го обновивме политичкиот консензус за ЕУ бидејќи тој не е доволно да биде само на ниво на реторика и на ниво на начелни заложби, политички, туку и на ниво на носење на крупни политички одлуки кога тие треба да се донесат. Затоа што да имаше храброст и искрена желба за европски интеграции досега кај опозицијата, наместо да одлучеше ВМРО-ДПМНЕ да се приклони кон Левица, наместо кон мнозинството проевропски партии, досега ќе ги имавме завршено тие обврски и сигурен сум дека ќе се занимававме со други прашања и работи, вели Маричиќ.  

27.12.2023 - 13:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега