Маричиќ: Модернизацијата на државата и јавната администрација се основа на целиот јавен сектор

Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ со свое обраќање на работилницата за повеќе земји на TAIEX, на темата „Како да се постигне успех во пристапниот процес кон Европската Унија: Најдобра пракса, напредок и предизвици на земјите кандидати со фокус на основите на Кластер 1 – Реформа на јавната адинистрација во Северна Македонија.

Во своето обраќање тој ја истакна важноста на регионална работилница, каде што се продолжуваат дискусиите за Европската Унија, перспективата на регионот и напредокот на нашите земји во процесот на пристапување, со фокус на искуствата на земјите кандидати и земјите членки.

Маричиќ го нагласи успешно завршениот Скрининг процес на почетокот на декември 2023 година во кој беа вклучени околу 1000 лица од околу 200 национални институции и 850 презентации подготвени во временски период од околу 15 месеци.

„За да продолжиме со успешно реализирање на процесот, треба да ја исполниме преостанатата обврска, тоа се уставните амандмани, бидејќи има позитивен моментум за проширувањето и сакаме да бидеме меѓу оние земји што побрзо ќе влезат во унијата“.

Според него модернизацијата и унапредувањето на државата и јавната администрација се гледаат како основа на целиот јавен сектор од кој зависат процесите и развојот во секое демократско општество.

Значењето и улогата на Реформи на јавната администрација дополнително се зајакнаа со новата методологија за пристапување од 2020 година, при што реформата на јавната администрација за првпат беше воведена како област во пристапните преговори.

За крај вицепремиерот нагласи дека реформата на јавната администрација заедно со управувањето со јавните финансии се исто така приоритетни области во рамките на Реформската агенда на Планот за раст. Исполнувањето на Реформската агенда ќе биде основа за исплата на помошта. Планот за раст за Западен Балкан ќе обезбеди забрзано доближување на нашите економии и намалување на разликите со економиите на членките на ЕУ.

„Бидејќи сите сме во различни фази од процесот на пристапување, треба да се разгледаат и разликите, во исто време да се создаде позитивна клима и амбиент за сите земји од Западен Балкан подеднакво“.

На работилницата учество земаа министрите за европски прашања на земјите кандидати за ЕУ, претставници од ТАИЕКС при Европската Комисија, претставници на земји членки на ЕУ и други релевантни експерти.

11.06.2024 - 21:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега