Меџити: Против сезонскиот грип вакцинирани над 61.000 граѓани
Министерството за Здравство информираше дека од ноември 2023 година па до сега, против сезонски грип се вакцинирале 61.000 граѓани.
„Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат и имаат докажана имуногеност и добра ефикасност“ – изјави министерот за здравство д-р Фатмир Меџити.
Со бесплатна вакцинација против ова заболување се опфатени следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
Од Министерството потсетуваат дека заинтересираните граѓани сѐ уште имаат можност да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница: https://vakcinacija.mk, a потоа преку смс порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација.
Воедно, во центрите за јавно здравје низ државата се врши имунизација против сезонски грип и со комерцијалните вакцини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа