Мел Гибсон: Првпат слушам дека Трамп ме назначил за амбасадор
Мел Гибсон беше изненаден од одлуката на Доналд Трамп да го назначи за еден од специјалните амбасадори на Холивуд. Трамп оваа вест ја објави на социјалната мрежа Truth Social, само неколку дена пред неговата инаугурација.
Трамп, кој вчера ја презеде функцијата претседател на САД, претходно јасно ги истакна своите намери кон американската филмска индустрија.
-Чест ми е да објавам дека Џон Војт, Мел Гибсон и Силвестер Сталоне се именувани за специјални амбасадори на Холивуд. Нивната мисија ќе биде да го обноват Холивуд, кој изгуби голем дел од својот бизнис во странство во последните години. Ние ќе го донесеме назад – поголем, подобар и посилен, напиша Трамп.
Гибсон, кој е познат по неговата отворена поддршка за Трамп, призна дека дознал за неговото назначување во исто време со пошироката јавност.
-Бев известен од објавата на Трамп, како и сите други. Бев изненаден, но чувствувам дека е моја граѓанска должност да дадам каква било помош и увид што можам, изјави актерот за Variety.
Гибсон е познат по тоа што јавно ги искажуваше своите политички ставови во минатото, вклучително и остри критики за Камала Харис за време на изборната кампања.
Иако сè уште не се познати конкретните задачи на новите амбасадори, едно е сигурно – визијата на Трамп за Холивуд сигурно ќе предизвика многу реакции во филмската индустрија и пошироко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа