Мицевски: Отворен е патот да се надмине проблемот со изборот на седмиот член на ДИК, еден од кандидатите се повлекол

Отворена е можноста собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата да го утврди кандидатот за пополнување на испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК) и да го испрати предлогот за гласање на пленарна седница.

 

Ова денеска го соопшти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, кој изјави дека според информациите што ги имаат еден од двајца кандидати кои досега беа во игра ја повлекол својата кандидатура.

 

Според изјавата на Мицевски, која ја пренесува државната новинска агенција МИА, кандидатот за пополнување на местото во ДИК ќе биде Абдуш Демири, кој беше предложен од страна на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“.

 

„Она што е добро и што сакам да го спомнам денес е дека информациите коишто ги имаме се дека проблемот што постоеше во Комисијата за избор и именување, односно со неповлекувањето на двата члена за пополнување на едното испразнето место за албанската опозицијата, еден од кандидатите ги повлекол документите. Така што, отворени се можностите на Комисија да донесе одлука и да ја испратиме до пленарна седница, значи материјал врз основа на којшто еден од кандидатите, мислам дека се викаше Абдуш Демири ќе биде кандидат за пополнување на местото во Државна изборна комисија“, изјавил Мицевски, кој денеска присуствувал на отворање на реновираното подрачно училиште ООУ „Страшо Пинџур“ во селото Таринци во Општина Карбинци.

 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потсетил дека изборот на член на ДИК се врши со двотретинско мнозинство, односно за предлогот треба да гласаат најмалку 80 пратеници во парламентот. Тој изразил очекување изборот на новиот член на ДИК да биде избран во предвидениот рок и со тоа да се пополни седмото испразнето место во институцијата надлежна за организирање и спроведување на изборите.

 

Инаку, местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда пред една година, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник на опозицијата со втор најголем број пратеници во Собранието.

 

14.02.2024 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега