Мицкоски: Децата од Норово и Лешок ќе добијат подобри услови, крадците ќе одговараат

 


На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот на Владата, Христијан Мицкоски одговараше на пратеничко прашање за состојбата на училиштето во селото Норово и условите во кои учат учениците.

„И јас сум редовен професор на универзитетот и ми е многу значајно кога децата сакаат да учат и кога сакаат да добијат правилно знаење, образование, без разлика дали тие се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми или од друга етничка заедница. Сѐ ќе сторам што е во моја моќ согласно законите и Уставот учениците да го добијат потребното знаење. Исто како што се грижам за учениците од Норово, се грижам и за средношколците од Кирил Пејчиновиќ, и за основците од Лешок и за сите ученици во Македонија, без разлика каде се наоѓаат“, рече премиерот.

Тој потоа истакна дека за подобрување на условите во тетовската гимназија се предвидени средства донирани од страна на општествена одговорна компанија која согласно законот и процедурите и со гласовите на сите советници од сите партии тие средства биле одобрени. Дополнително Мицкоски најави дека лично ќе го посети Норово и ќе разговара со родителите на учениците со цел да се изнајде решение за политички да не се злоупотребува случајот.

„Но она кое што е фактичка ситуација таму, е следна. Одговорна е општината, но одговорни се и тие кои што со донации одлучиле на незаконски и урбанистички нерегулирана парцела да градат објект. Има закони во државата и мораме да ги почитуваме тие закони. Еве јас ве повикувам заедно да појдеме во Норово, со нас да го земеме законот за урбанистичко планирање, законот за градежно земјиште, законот за градење и Уставот, да најдеме парцела и да направиме нешто за овие дечиња“, кажа премиерот Мицкоски и потоа дополни: „во многу објекти на целата територија на Македонија се потребни интервенции и во многу објекти децата учат во супстандардни услови. За жал многу се крадеше. Сега тие пари кои што се украдоа завршија во приватни џебови, дали за купување на трговски центри, дали за купување на нов возен парк, Ролс Ројс, Мајбах мерцедес, фирми или нешто друго, наместо да завршат во училиште за село Норово“.

Премиерот Мицкоски посочи дека тие кои се богатеа на грбот на децата и градеа сараи ќе одговараат, без разлика од која политичка партија да доаѓаат.

„И мене ме боли кога ги гледам во какви услови овие дечиња добиваат знаење, исто како што ме боли и кога ги гледам и дечињата од Лешок, и од гимназијата Кирил Пејчиновиќ во какви услови учат. Се сеќавам при моите посети кога бевме опозиција кога молев министерот за образование од ДУИ да се погрижи да ги подобри условите за овие ученици да добијат пристојно знаење, вклучително и оние во село Норово. За жал тој во тоа време одлучи да се занимава повеќе за потребите на еден приватен универзитет во југозападна Македонија, наместо да вложува за учениците во село Норово“, заклучи премиерот Мицкоски.

29.05.2025 - 14:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега