Мицкоски ќе го пречека Курти

 

 Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе го пречека и ќе биде домаќин на косовскиот премиер Албин Курти.

Како што соопштија од владината прес-служба, во рамки на посетата предвидена е тет-а-тет средба помеѓу премиерите Мицкоски и Курти, по што ќе следи билатерална средба на која покрај премиерите ќе присуствуваат и владини делегации од двете страни.

Предвидено е Мицкоски и Курти денеска да одржат заедничка прес - конференција во Медија центарот на Владата.

Се очекува во разговорите да стане збор и за инцидентот со претседателката на Косово Вјоса Османи на скопскиот аеродром.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово изрази загриженост поради инцидент со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, нарекувајќи го „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување кон Османи, и побарало официјални појаснувања во врска со инцидентот од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од македонското МНР.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија по повод протестната нота од Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, излезе со став во којашто се бара целосно објаснување во врска со настанот на Скопскиот аеродром со косовската претседателка Османи. Македонското Министерството посочи дека побарало информации од надлежните институции и по анализата на собраните податоци ќе преземе мерки, со цел, како што се наведува, во иднина да се избегнат вакви ситуации.

Македонското МВР во четвртокот вечерта соопшти дека обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши им се заканувало на вработени во ТАВ кои побарале од претседателката на Косово, Вјоса Османи да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје. Како соопшти МВР, додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер. 

Од ТАВ Македонија соопштија дека одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапило во рамките на своите овластувања и спровело стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП - салонот со што воопшто не била загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците. Оттаму категорично ги отфрлија наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка при прегледот во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје.

Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, во четвртокот преку соопштение демантираше каква било вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, за кој што, велат, пренесуваат одредени медиуми. Гаши, пак, во изјава за медиуми вчера кажа дека „интервенирал да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент, и мислам дека се заврши како што треба“. Вели дека ако некој ги пречекорил своите овластувања, секако ќе треба да одговара

05.08.2024 - 09:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега